1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Религиозна боја на конфликтите во Македонија

Од печатот на германски јазик: Досегашните меѓуетнички тензии во Македонија во најново време придобиваат религиозен белег. Офанзива на шарм на Германија во Грција. Комесар за штедeње - побезболна варијанта.

“Ноје цирхер цајтунг“ фрла поглед врз состојбата во Македонија по протестите во Струга и опожарувањето на цркви во врска со една сцена од карневалот во Вевчани на 13 јануари. Весникот пишува за „инструментализирана религија“. „Вчудовидувачки, протестот против карневалот се одржа дури две недели подоцна во соседна Струга. Притоа настапи и една група брадести салафисти, кои - скептично набљудувани од некои демонстранти - скандираа ’Алах е голем!‘. (...) Веројатно е претесно инцидентите да се протолкуваат како израз на затегнатост помеѓу православнохристијанските Македонци и муслиманските Албанци. Несомнено е дека меѓуетничките тензии се заоструваат со вакви испади. Но, досега религијата притоа играше споредна улога. Таа само беше инструментализирана како белег на етничката група, а религиозните заедници не настапуваа како самостојни страни во конфликтот. Се чини дека тоа сега се менува. Сегашните судири се вртат околу религиозните симболи и чувства.

Тоа побудува иритации токму кај албанските националисти. (...) Албанците се традиционално многу световно ориентирани сунити, а малцински има и католици и православни. Силни чувства на религиозна припадност го слабеат албанскиот идентитет - токму тоа предизвикува загриженост кај некои националисти.

Во Македонија, како и на други места меѓу муслиманите на Балканот, со години вехабистички групи вршат мисионерска работа, која кај Албанците и Бошњаците делумно наидува на плодна почва. Со оглед на мрачните економски перспективи, непотизмот во политичкиот систем и блокираниот процес за интеграција во ЕУ, вехабистичката понуда е атрактивна за некои млади луѓе. Наместо да чекаат на подобри времиња, тие веднаш добиваат осмислени задачи и стануваат дел од една заедница, во која се чувствуваат дека се сериозно сфатени“, заклучува „Ноје цирхер цајтунг“.

Грчката криза - постојано присутна тема

„Фајненшел Тајмс Дојчланд“ (ФТД) денеска (03.02.2012) пишува дека „Германците започнуваат офанзива на шарм во Грција“. Со неа, како што се објаснува на почетокот на текстот, „сакаат владата, фондациите блиски до партиите и општините да ја поддржат Грција и да влијаат на релаксирање на конфликтите во германско-грчките односи. (...) Од ескалацијата на кризата на еврото односите меѓу двете земји стануваат се’ потешки. Многумина Грци им префрлаат соодговорност на Германија и на острите налози за штедење од страна на Меркел за нивната катастрофална економска состојба. Во Германија многумина ги сметаат Елините за ’мрзливи банкрот-Грци‘, а и во германската влада има сомневање во однос на нивната волја за реформи. (...)

Фондациите имаат намера на лице место да го подржат реформскиот процес - како советници на партиите и синдикатите, но и во градењето ефикасна управа и на општинско ниво, со оглед на нивната децениска експертиза. Освен тоа, замисливо е тие да им озовможат на грчки стипендисти дел од обуката да добијат во Германија. Обратно, фондациите со својата работа сакаат да придонесат за подобро разбирање на грчката ситуација во Германија“, пишува ФТД.

„Ди пресе“ од Виена, пак, бара во примери од 18 век аналогии со денешната ситуација и укажува дека тогаш кајзерот на Светиот римски рајх многу построго постапувал со презадолжените мали државички од составот на неговата супранационална империја, ставајќи ги под старателство. Со поглед кон актуелниов миг, се вели: „Денешните грчки политичари, од на некој исто така под старателство ставениот Јоргос Папандреу, до технократот Лукас Пападемос, за кого некогаш во Брисел се веруваше дека може да ја спаси земјата, многу би се чуделе, кога би прочитале какви овластувања имале тие комисии. А грчките весници, пак, можеби би биле повоздржани кај споредбите со нацистичките мремиња и би дошле до заклучок дека комесар за штедење , како што неодамна им предложи Германија, за нив би била уште и побезболната варијанта“.

Автор: Зоран Јордановски/НЦЦ/ФТД/Ди Пресе

Редактор: Борис Георгиевски