1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Релаксација на пазарот на труд

Состојбата на пазарот на работна сила во Германија, и покрај малото зголемување на бројот на невработените, условено од временските услови, сепак е малку олабавена.

Логото на Сојузниот уред за труд

Логото на Сојузниот уред за труд

Невработените во декември биле повеќе на број. Невработеноста пораснала за 0,2% и сега изнесува 11,1%, но тоа според аналитичарите е сепак добра вест, зашто зголемувањето на невработените во споредба со претходните пет години е речиси двојно помало. Еве што велат бројките – во декември во претходните пет години бројот невработени се зголемувал за околу 175 илјади, а годинава за само 75 илјади. За тоа придонесле вработувањата со плаќање едно евро на час, програмите за дообразување и предвремените пензионирања. Но, можно е, како што се претпоставува, и отпуштањата од работа кои се поврзани со сезоната, да се одложени за јануари.

Ако се анализира целата претходна година, бројот невработени просечно се движел околу 4 милиони и 863 илјади, или 482 илјади повеќе од 2004-та. Ваквиот развој, како што се нагласува од Сојузниот уред за труд, се должи пред се на реформите Харц четири, односно поврзувањето на помошта за невработени и социјалната помош. Професор Рудолф Хикел, економски истражувач на универзитетот во Бремен, правејќи биланс на Харц реформите, во интервју за Дојче Веле, рече:

“Се покажува дека на пример успешна приказна се т.н. мини-џоб вработувања, односно мини вработувања врз база на 400 евра. Тие навистина бележат успех. Но, сигурно инструментариумот треба да се провери, да се дополни, односно измени. Прво и најважно е Германија во делот на работната сила да се врати на она што секогаш и било карактеристика – конкурентност на меѓународна сцена. Потребно ни е разумно добро натамошно образование за шанса да добијат повторно пред се работниците кои се квалификувани и кои го загубиле работното место не поради своја вина. И, притоа да не се употребува трасата според која прво се оди во секторот на малку платена работа, зашто искуството покажува дека оттаму веќе не може да се излезе.“

Шефот на Сојузниот уред за труд, Франк Јирген Вајзе, денеска изјави дека развојот на пазарот на работна сила од последните месеци и позитивните сигнали, влеваат доверба за тековната 2006-та.