1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Рекордно незадоволство од работата на банките

Лоши совети, ниско ниво на услуги- тоа се само дел од жалбите на граѓаните на работата на банките. Четири години од почетокот на финансиската криза, недовербата на Германците во банките никогаш не била поголема

Многу банки, особено најголемите, одамна го загубија интересот за секторот работа со граѓаните. Многу подобро се заработува со ризични вложувања и шпекулации и сето тоа само со едно притискање на компјутерот. Граѓаните, од друга страна, со своите мали влогови и тенки штедни книшки, не носат преголема добивка, а притоа и носат и дополнителен трошок поради користењето на разни услуги, од банкомати до работниците на шалтерите.

Недовербата на врв

Но, времето на брза заработка на берзите помина. Шпекулативните потези се’ почесто се избегнуваат, па банките сега се сетија на граѓаните, на кои веројатно не можат да заработат милијарди преку ноќ, но тие со своите мали влогови пружаат добра основа за тргување. Но, сега и малите клиенти, поради глобалната криза, се заинтересираа за работата на банките и повеќе не дозволуваат така лесно да бидат мамени во секојдневното работење.

Недовербата кон банките е на историски минимум, како што неодамна заклучи советничката агенција „Бејн енд Компани“. На испитувањето спроведено врз околу 3 илјади клиенти на банки, се покажа дека нивото на недоверба кон банките е „многу изразено“ и дека е поголем бројот на оние кои се незадоволни од услугите на својата банка.

Најслабата точка од работата со граѓаните се недостатокот на информации и лошите совети од страна на вработените во банките. Клиентите денес се сосема свесни дека банките работат исклучиво за своја корист. Тоа само по себе не е злосторство, бидејќи банките и постојат за да заработат, но клиентите стануваат чувствителни кога интересот на банката се продава како нивен интерес.

„Кога подобро ќе ги погледнете резултатите од истражувањето доаѓате до заклучок дека банките не работат секогаш во корист на своите клиенти“, вели Валтер Зин, партнер во агенцијата „Бејн енд Компани“. Најчесто се работи за тоа како да се продадат што повеќе банкарски услуги, а советувањето на клиентите е во втор план, дополнува Зин.

Продај и бегај!

Mehr Datenklau an Geldautomaten

Таквиот однос на банките, чиј углед постојано паѓа, се покажа како многу кусоглед. Некому набрзина нешто да му се продаде и да се наплати премија е едно, но да се задржи клиентот задоволен е нешто сосема друго. Истражувањата, имено, покажуваат дека задоволните клиенти на својата банка можат да и обезбедат до 60 проценти поголема заработка. Притоа, да се задоволи клиентот не е воопшто комплицирано.

„Доволни се неколку едноставни правила: љубезност, без предолги редови за чекање... На клиентот треба да му се пружи чувство дека некој се грижи за него“, вели Зин.

Очигледно е дека најлош однос кон клиентите имаат големите банки: дури 40 отсто од испитаниците во блиска иднина се подготвуваат да си заминат од нив.

Интересно е дека кај клиентите најдобро минуваат ткн. директни банки- оние кои своето работење го фокусираат на основни услуги, како добри мрежи на банкомати или квалитетно интернет-банкарство. Тие банки најчесто и не ги наплаќаат своите услуги. Услов за тоа е, се разбира, редовен месечен прилив во одреден износ.