1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Рекордно незадоволство во Бундесверот

Незадоволството кај војниците од состојбите во германскиот Бундесвер е највисоко досега. Ополномоштеникот на Бундестагот за војската, Кенигхаус примил околу пет илјади жалби, 17 проценти повеќе од лани.

Војниците од Бундесверот до Хелмут Кенигсхаус, ополномоштеник на германскиот Бундестаг за војската, оваа година доставиле околу пет илјади писмени жалби поради неправилности. Тоа е зголемување од 17 проценти во однос на лани, а рекордна бројка од почетокот на водењето статистика за жалбите, во 1959 година.

Војниците посебно се нервираат поради многуте преместувања. Во меѓувреме повеќе од 50 проценти мораат секојдневно да патуваат меѓу местото на живеење и работното место, при што се чувствуваат оставени на цедило од работодавачот, значи државата, вели Кенигсхаус. Тој бара намалување на бројот на прекомандувања на војниците.

Реформата како извор на фрустрација

Причина за честите прекомандувања како и за бројни други незадоволства на војниците според согледувањето на Кенигсхаус е реформата на Бундесверот.

Bundeswehr Jahresbericht 2011 Hellmut Königshaus

Хелмут Кенигсхаус, ополномоштеник на германскиот Бундестаг за војската

„Многу амбициозните планови и брзото темпо на основните одлуки водеа до тоа потребите на војниците премалку да бидат земени во обзир“, смета тој и дополнува: „Војниците се прашуваат: ’што е всушност позитивна промена во однос на претходната ситуација’?“, вели Кенигсхаус во разговор за агенцијата ДПА. Политичарот од Либералната партија и резервен поручник со одредена резигнација заклучува дека и покрај неговите укажувања за незадоволство во војската поради реформата во неговите два годишни извештаи, не е направено подобрување.

„Дојде до извесно смирување предизвикано единствено од одредено навикнување на ситуацијата, но основниот проблем останува“.

Структурни проблеми

Многу поплаки од војниците има поради пролонгирање на исплатата на надоместоци за лекарска помош. Во рамките на реформата дојде и до персонални преструктуирања, такашто бирократските постапки се усложнети.

Реформата на Бундесверот, започната во 2010. година, предвидува намалување на бројноста на војската од 250 илјади на 185 илјади војници, како и затворање на 32 касарни. Повеќе од 90 касарни треба драстично да бидат намалени. Во коалицискиот договор Унијата и СПД се согласија во основа да не чепкаат во реформата на Бундесверот, но можни се одредени корекции.

На министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен претседателот на Сојузот на Бундесверот, Андре Вистнер ѝ советуваше да не врши комплетна промена на курсот, но ѝ препорача „пеглање“ на грешките „за да поентира кај војниците“.