1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Рекордна посетеност и добра ефикасност на стартот од фудбалската Бундеслига

За љубителите на фудбалот во Германија, светот повторно си е в ред - по 75-дневна пауза, одново се игра прволигашки фудбал. Стартот на новото првенство под знакот на рекорди, нови стадиони и нови лица во екипите.

Од натпреварот меѓу Вердер и Арминија: дуел меѓу јужноафриканецот Зума и Шулц

Од натпреварот меѓу Вердер и Арминија: дуел меѓу јужноафриканецот Зума и Шулц

Првото коло како предвесник на извонредно првенство? За потврда на една таква констатација треба да се сочекаат наредните 33 кола, но стартот многу ветува. Бундеслигата може да биде долг вовед во атмосфера на фудбалски празник што ќе кулминира со Светското првенство. Алијанц-арената во Минхен, стадионот на кој наредната година ќе се играат клучни натпревари од мондијалот, во петокот беше отворено 42-то првенство на Бундеслигата. 66 илјади љубители на фудбалот дојдоа да го поздрават Баерн во првиот прволигашки натпревар на новиот стадион. Шампионот мораше доста да се потруди за да дојде до победата од 3 спрема 0 против Борусија Менхенгладбах. Домаќинот притоа 47 минути играше и со човек помалку, откако поради втор жолт картон многу рано теренот мораше да го напушти Валериан Исмаел. „Мислам дека тоа беше нормален дуел, а не некаков тежок фаул. Но, така беше пресудено и за тоа веќе нема што да се зборува“ – кусо го прокоментира Исмаел своето неславно деби во дресот на Баерн. Овен Харгрејвс во 28-та минута го постигна првиот гол во новиот шампионат, а победата ја обезбеди Рој Макај со головите во 86-тата и 89-тата минута по контра-напади. Капитенот Оливер Кан оцени: „Белег на средбата и’ дадоа проблеми кај обете екипи типични за почеток на првенството, на пример да се фати вистинскиот ритам. Недостасува уште по малку и усогласување, има и други проблеми. Но, тоа е сосем нормално за првите неколку натпревари“.

Во дресот на Борусија Менхенгладбах дебитираше некогашниот напаѓач на Баерн, Бразилецот Џоване Елбер. Својот настап во Минхен си го замислувал поинаку: „Вака не, јасно. Желба ми беше да прикажеме добра игра, пред се’ попради тоа што во подготовките одигравме добри натпревари. Но, денеска не ни одеше, особено во второто полувреме, кога Баерн јасно доминираше и создаде повеќе шанси“.

Најубедлив впечаток на стартот остави Вердер Бремен, кој ја совлада Арминија Билефелд со 5 спрема 2. Незадржливи беа Мирослав Клозе и Иван Класниќ, кои постигнаа по два гола. „Кога ќе се постигнат пет голови, тогаш мислам дека треба да се истакне напаѓачкиот ред. Ние добро игравме во нападот, на другите елелменти и натаму ќе работиме“ – вели тренерот Томас Шааф, веќе шест години во Вердер, со што е најстар по стаж од актуелните прволигашки тренери.

Четврти фудбалер кому веќе на стартот му успеа два пати да ја затресе мрежата е Сергеј Барбарез, кој со тоа даде голем удел во победата на Хамбургер над Нирнберг со 3 спрема нула. Многу се очекуваше од првиот настап на Холанѓанецот Рафаел ван дер Ваарт, чиј трансфер во Хамбургер е вреден пет милиони евра, но тој очигледно уште не ја достигнал вистинската форма.

Шалке со повеќе засилувања, но без Аилтон, најавува трка со Баерн во борба за титулата во новото првенство. На стартот малку недостасуваше да доживее непријатно изненадување: аутсајдерот Кајзерслаутерн, предводен од новиот тренер Михаел Хенке, поранешен помошник на Отмар Хицфелд во Борусија Дортмунд и Баерн Минхен, поведе во Гелзенкирхен. Но, на крајот работите сепак си дојдоа на свое место и Шалке победи со 2 спрема 1 со голови постигнати во последните 11 минути. Тренерот Ралф Рангник имаше забелешки на слабата реализација на многубројните шанси: „Јасно, ние едноставно мораме да гледаме напред, да создаваме толку шанси и да добиеме сигурност во играта, и на тренингот, па потоа ќе можеме и да ги реализираме шансите“.

Борусија Дортмунд со новокомпониран тим се врати непоразена од гостувањето кај Волфсбург. Средбата, што заврши 2 спрема 2, ќе остане зебележана по настапот на Нури Сахин, момче од турско потекло, родено во Германија. Сахин уште нема ни 17 години и е најмладиот играч што воопшто настапил во Бундеслигата. Беше ли возбуден? „На почетокот да, јасно. Кога истрчев на теренот имав трпки. Но, потоа одеше некако. На теренот и еден 16-тогодишен е подеднакво важен како и триесет и тригодишен. Поради тоа ја снема нервозата и јас дадов се’ од себе. Како за прв пат мислам дека беше в ред“ – вели Сахин.

Инаку, во првото коло од првенството во првата лига дебитираа дури 35 играчи, од кои четворица веднаш се запишаа и меѓу стрелците. Еден од нив е и македонскиот интернационалец Александар Васовски, кој настапува во Ајнтрахт Франкфурт. За жал, тоа беше само почесен погодок во средба во која домаќинот беше поразен од Баер Леверкузен со 4 спрема 1. Од новите лигаши победа ствари само Келн дома против Мајнц со 1 спрема нула со гол постигнат од престрого досуден пенал на три мунути пред крајот. 50 илјади гледачи присуствуваа на натпреварот. Дуизбург дома, на темелно обновениот стадион, одигра нерешено со Штутгарт 1 спрема 1. Штутгарт го ангажира најуспешниот клупски тренер на сите времиња во светот, прославениот Џовани Трапатони, а се засили и со данецот Томасон, довчерашен напаѓач на Милан. Резултатите допрва би требало да се очекуваат. Нерешено, но 2 спрема 2, одиграа и Хановер и Херта Берлин. Бод на домаќинот му спаси поранешниот играч на Баерн Михаел Тарнат на три минути пред крајот од слободен удар.

Со вкупно 32 гола стартот на првенството беше далеку позанимлив од минатогодишниот, кога мрежите беа затресени 9 пати помалку.

Просекот од 43 503 гледачи по натпревар е рекорден во историјата на Бундеслигата, кога е во прашање првото коло. Значи, сепак предвесник на првенство богато во секој поглед?