1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Рекордна мобилизација

Три милиони Французи според синдикатите, над еден милион според полицијата, протестираа против Договорот за прво вработување на младите. Премиерот Доминик де Вилпан изгледа осамен и ја губи подршката на дел од владеачката партија УМП, но ја ужива таа на претседателот Ширак.

Протестите во Франција

Протестите во Франција

„Веќе два месеца како што сме во штрајк против договорот за прво вработување на младите, денес кога сме три милиони нема да ја испуштиме работата“, се слушна на најмасовната демонстрација во Париз.

Предвидувањата на синдикатите се остварија. На улиците низ цела Франција излегоа околу 3 милиони противници на договорот за прво вработување на младите. Иако полицијата зборува за двојно помалку, и првите и вторите проценки за учесниците на протестите зборуваат дека ваква мобилизација не е забележена во последниве дваесетина години.

Сите демоснтрации беа предводени од студентите и средношколците загрижени за нивната професионална иднина. Под главниот слоган „Повлекување на договорот“, и „Млади и за фрлање“

„Г-динот Доминик де Вилпан не сака да го повлече договорот за прво вработување, иако демонстрираме веќе два месеци.Тој не не разбира.“

„Ќе протестираме, се додека на го повлече договорот“.

Студентите се подготвени да одат до крај, и покрај ризикот да изгубат една година од студиите, со оглед дека наставата на факултетите е суспендирана повеќе денови.

Младите добија силна подршка од синдикатите на вработените, а повикот за прекин на работата сепак не ја парализира Франција, но силно ја забави посебно во јавниот транспорт и училиштата.

По рекордната мобилизација синдикатите го потврдија неприфаќањето на поканата на премиерот за дијалог, тие сега сé уште повеќе охрабрени и бараат целосно повлекување на законот пред да седнат на преговарачката маса.

„Целта е премиерот да сфати, дека неможе да остане во ваква ситуација. Или владата ќе сфати дека не може да ја остави земјата без одговор, или ние ќе продолжиме“, е категоричен Франсоа Шерек, лидерот на умерениот синдикат ЦФДТ.

Додека на улиците се дефилираше, во националното собрание се водеше жестока и бучна дебата.

„Подготвен сум да ангажирам дијалог, и да го уредам договорот по две точки.“ Одвај се слушаше гласот на премиерот Доминик де Вилпан, кој го отфрли ултиматумот на синдикатите.

Претседателот на УМП, Никола Саркози, по овие демонстрации исто така смета дека владата мора да ја смени позицијата.

„Ние сме обврзани да бидеме солидарни со владата. Но од моја страна, барем за мене таа обврска нема да ме доведе до колективно самоубиство“, вели пратеникот од владеачката УМП, Пјер Лелуш.

Сеголен Роајал, потенцијалната кандидатка на социјалистите за идните претседателски избори, смета дека во моментот кога има длабока недоверба меѓу јавното мислење и владата, „шефот на државата е тој кој што треба да интервенира и да го најави повлекуваањето на реформата и да побара од владата отворање на дијалог“.

Гледано во целина, ситуацијата останува блокирана.

Ширак кој ги откажа сите патувања, сеуште го поддржува Вилпан. Одмерувањето на силите меѓу владта и синдикатите продолжува и понатаму.

Во неколку градови на маргините од демонстрациите дојде до нереди и насилство, посебно во Париз, на плоштадот на Републиката, каде полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растури насилниците од кои над 200 беа уапсени.

Поврзана содржина