1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Рекордна казна за Сименс

11 претпријатија, кои картелно ги договарале цените и си го делеле пазарот, ќе платат вкупно 750 милиони евра, од кои 420 милиони само Сименс

default

Комисијата на ЕУ му изрече казна на германскиот концерн Сименс од речиси 420 милиони евра - највисока казна досега за едно претпријатие. Сименс е казнет како дел од картелот во кој вкупно 11 фирми меѓусебе ги договарале цените и условите на пазарот. Сите заедно поради тоа ќе мораат да платат вкупно околу 750 милиони евра, што е втор највисок износ на казна за картел во историјата на ЕУ – пред шест години еден картел на производители на витамински препарати беше осуден на казна од вкупно 790 милиони евра.

Сименс, заедно со три француски концерни, јапонските гиганти Хитачи, Мицубиши и Тошиба и уште 4 други претпријатија, според Комисијата на ЕУ, во периодот помеѓу 1988-ма и 2004-та година се договарале меѓу себе, а на штета на нивните муштерии. Картелот де факто ја опфаќа целокупната светска бранша од областа на електроенергетиката со исклучок на САД. Во образложението се вели дека претпријатијата се договарале околу понудите при учеството на тендери, околу цените, потоа за меѓусебна поделба на проекти и на пазари, како и дека разменувале за бизнисот драгоцени и доверливи информации”. Комисијата не наведе колкава добивка постигнале фирмите од таквите договори.

Сето тоа го правеле во тајност – со анонимни и-мејл адреси, шифрирани пораки и имиња на лица и претпријатија кодирани со бројки. Гигантите од оваа бранша,кои 16 години ги договарале цените за важни постројки за електрани, решавачка грешка направиле што ги потпишувале илегалните договори. Едно од претпријатијата вклучени од тој картел, шведско-швајцарското АББ, настапувајќи како крунски сведок, и’ приложило на Комисијата на ЕУ во Брисел такви потпишани договори, со што си обезбеди избегнување на казна од 215 милиони евра. Комисијата потоа извршила контроли во другите претпријатија. Актите од наодите содржат 25 илјади страници. Подоцна и други претпријатија сакале да се појават во улога на крунски сведок, но биле одбиени оти Комисијата веќе имала доволно факти.

Договарања за цени на штета на клиентите и на потрошувачите се строго забрането во ЕУ, а казните можат да изнесуваат до 10 проценти од висината на годишниот промет. Сименс ја имал водечката улога во картелот, поради што казната му била покачена за 50 проценти. “Причина за толку високата казна за Сименс е величината на претпријатието и неговиот удел на пазарот” - објасни Џонатан Тод, портпарол на еврокомесарот за пазарна конкуренција Нели Крес.

Шефот на одделот Сименс “Пренос и дистрибуција на енергија” кај Удо Нихаге во врска со пресудата рече: “Шокиран сум. Се’ уште не можам да се приберам. Ние никако не можеме да ја сфатиме казна и нема да ја прифатиме”. Од претпријатието најавуваат дека ќе се жалат против казната пред Европскиот суд во Луксембург, иако признаваатдеа три години правеле договори кај некои проекти во европскиот простор. Жалба на казната од околу 91 милион евра најави и Тошиба.