1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Рекордна казна за Мајкрософт

Мајкрософт мора да и‘ плати на ЕУ казна од 561 милиони евра поради нефер работење. Американскиот концерн на корисниците на Виндоус не им оставил слободен избор на браузер со кој ќе сурфаат на интернет, се вели во Брисел.

Мајкрософт на корисниците на системот Виндоус 7, освен својот Интернет Експлорер, не им оставил друга можност за избор на браузер со кој ќе пребаруваат по интернет, соопшти денеска (06.03) Европската комисија. Со тоа, според ставот на ЕК, концернот на муштериите им го наметнал својот софтвер и ги блокирал производителите на други програми. Концернот на околу 15 милиони корисници на Виндоус на тој начин им го одзел правото на слободен избор, и тоа во периодот од мај 2011 до јули 2012 година.

Концернот уште минатата година го призна овој пропуст и го нарече „техничка грешка“. Вината била кај тим техничари кои заборавиле неопходен апдејт. Во меѓувреме Мајкрософт ја прекина ваквата практика. За повторно да ги поправи работите, концернот сака да го понуди автоматскиот избор на браузер 15 месеци подолго од она што Брисел го пропишува како рок - до 2014 година.

Скапа техничка грешка

Заштитниците на конкуренцијата со години го набљудуваат Мајкрософт поради тоа што коцнернот бесправно ги спојува своите софтверски продукти со оперативниот систем Виндоус. Од 2004 година досега концернот неколку пати плати ЕУ-казни. Тие во меѓувреме пораснаа на 2,2 милијарди евра.

Уделот на Виндоус кај компјутерите и лаптопите во Европа е околу 90%. Уделот на Интернет Експлорер кај браузерите, според ЕК, е значително понизок - околу 55%. Откако Европската комисија почна да презема мерки, во меѓувреме на сите нови Виндоус-компјутери во ЕУ се отвора прозор за избор на браузер, каде што се појавуваат Мозила Фајерфокс, Гугл Хром, Епл Сафари и осум други помали, како што е Опера.