1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Реконструкцијата на Либија може да започне

Шеесетина земји и меѓународни организации на конференцијата на пријателите на Либија во Париз се заложија за брзо одмрзнување на десетина милијарди долари либиски средства блокирани во светот

default

Групно фото на учесниците на конференцијата во Париз

Либија навлезе во ново време. „Контакт групата за Либија“ која досега ги координираше воздушните удари се претвори во „Група на пријатели на нова Либија“. Покрај Франција, Велика Британија и САД, кои ги вложија најголемите напори во воената операција на НАТО и во поддршката на Националниот совет за транзиција на Либија, во Париз се најдоа уште шеесетина други земји. Меѓу нив и оние кои беа против воената интервенција, како Русија, Кина или Германија. Конференцијата организирана од Париз и Лондон пред се беше посветена на реконструкцијата и демократската транзиција на Либија.

Одмрзнување на либиските имоти во странство

Präsident Nicolas Sarkozy mit Mahmud Jibril Chef der Übergangsregierung in Libyen

Францускиот претседател Никола Саркози и шефот на преодната либиска Влада, Махмуд Џибрил

„Одлуките кои беа донесени се однесуваат најнапред на едногласното барање за подигање на блокадата на замрзнатите либиски добра. Парите кои беа пренасочени од Гадафи и неговите блиски, треба да им бидат вратени на Либијците. Сите ние се обврзавме да ги деблокираме парите на вчерашна Либија, за да се финансира развојот на денешна Либија“,  изјави францускиот претседател Никола Саркози.

Досега се деблокирани петнаесетина милијарди долари на либиски имот замрзнат во согласност со меѓународните санкции. Во таа насока идната недела се очекува во Советот за безбедност на ООН да биде донесена нова резолуција за да се доврши операцијата наменета за финансирање на реконструкцијата на Либија, по разурнувањата предизвикани од шестмесечната војна.

Од Либијците се бара „помирување и простување“

Учесниците на конференцијата побараа од новите либиски власти да водат политика на „помирување и простување“ по крајот на борбите. Претседателот на Националниот совет за транзиција, Мустафа Абдеџалил формално се ангажира, ветувајќи дека ќе биде гарантирана „мирната тразниција на земјата со почитување на правната држава.“

Libyen Paris Konferenz Frankreich Merkel

Германската канцеларка Ангела Меркел

„Сакам да му се обратам на либискиот народ, како што ние вложивме во вас исто како и меѓународната заедница, ситуацијата денес е во ваши раце, потребно е сега да ги почитуваме нашите обврски за да го воспоставиме мирот во Либија. Простувањето и толеранцијата треба да надвладеат и правото треба да владее во Либија“, изјави Мустафа Абдеџалил. Тој вети дека одговорните за сериозните кршења на човековите права за време на конфликтот ќе бидат изведени пред правдата. Гадафи мора да биде уапсен и Либијците се тие кои треба да одлучат дали тој ќе биде суден во Либија или пред меѓународен суд, нагласи од своја страна Саркози.

Саркози, британскиот премиер Дејвид Камерон и генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен соопштија дека нападите на НАТО ќе продолжат се додека Моамер Гадафи претставува закана за својот народ.

„Се договоривме да продолжат нападите на НАТО, се додека Гадафи и неговите приврзаници и понатаму претставуваат закана за Либија. Исто така се договоривме сите ние да ги отвориме нашите нови амбасади колку што е можно побрзо во Триполи“, изјави Саркози. Генералниот секретар на ООН, Бан Ки-мун се заложи за побрзо надминување на хуманитарната криза во Либија и побара широка меѓународна мобилизација под закрила на ООН.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Борис Георгиевски