1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Реизборот на Обама е добра вест за Европа

Реизборот на Барак Обама на чело на САД според европските експерти е добра вест за Европа и трансатлантските односи. Со победата на Обама растат и очекувањата во Европа.

Желбата на Европејците се исполни. Барак Обама освои втор претседателски мандат, како што посакуваше мнозинството во Европа. И за европските експерти за САД реизборот на Обама е добра вест.

„Обама, во однос на внатрешнополитичките и социјалнополитичките прашања, е многу поблизок до европските вредности отколку Ромни, што покажуваат и анкетите“, вели Мариус Буземајер, политиколог од Универзитетот во Констанц.

„За Европа Обама значи предвидливост“, истакнува Хајнц Гертнер од Австрискиот институт за меѓународна политика во Виена.

„Ромни би бил многу понепредвидлив за Европа, зашто тој повеќепати ги смени своите позиции околу глобалниот развој“.

„За Обама нема никаква причина да ја менува својата политика кон Европа по повторниот избор. Од другастрана, тоа би можело да значи дека претседателот ќе има поголеми барања кон Европа заради придвижување на економијата, зашто опоравувањето на американското стопанство зависи и од подобрувањето на економската ситуација во Европа, дополнува Винсент Михелот, експерт за САД на Универзиттеот за политички науки во Лион.

NATO-Gipfel in Chicago 2012

Андерс Фог Расмусен, Ангела Меркел и Барак Обама

Поголем меѓународен ангажман

Но, настрана од економијата, администрацијата на Обама би можела да бара и засилен европски ангажман на меѓународен план на страната на САД. Како примери Гертнер ги истакнува заедничкото барање решение за граѓанската војна во Сирија, како и конфликтот околу иранската атомска програма. Но, Обама може да се надева на европска помош и за тема која на Европа и‘ лежи на срце - заштитата на климата и екологијата, кои Обама повторно може да ги воведе на политичкиот дневен ред во Вашингтон.

И покрај засиленото свртување на американската надворешна политика кон Азија, Европа според европските експерти и натаму е најважниот доверлив партнер на САД.

„Мислам дека т.н. ново ориентирање на САД кон Пацификот е навистина претерано. САД не се откажаа ненадејно од Европа и односот не е заладен“, вели Михелот. САД едноставно мора да се грижат за поитни проблеми на светот отколку Европа. Економската криза во Европа му задава грижи на Вашингтон, но тоа е неспоредливо со иранската атомска програма или останатите глобални закани.

Ромни ќе ја поделеше Европа

Европа нема потреба да се вознемирува околу солидното трансатлантско партнерство, искатнуваат експертите. Прво, затоа што САД и натаму своето главно внимание ќе го насочуваат кон другите светски региони, второ, зашто Обама за разлика од поранешните претседатели, нема никакви посебни лични поврзаности со Европа. Сепак, со Обама за Европа недовосмислено победи подобриот кандидат.

„Ова е добра одлука од евроспки аспект. Ако победеше Ромни, во Европа ќе дојдеше до сличен расцеп како во времето на Џорџ Буш. Политиката на Ромни кон Кина, Русија и Блискиот Исток ќе ги поделеше Европејците, за Европа тоа ќе беше катастрофа“, истакнува Гертнер.