1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Резолуција на ОН: спортот како основа за развој и мир

За време на античките олимпијади борби се воделе само на спортските арени. На вистинските боишта владеело примирје, оружјето мирувало, таканаречениот олимписки мир траел за цело време додека се одигрувале спортските натпревари.
Модерното време ја презеде традицијата на олимписките игри, ја одржува и развива повеќе од еден век. Од пред една деценија, пак, е обновена и идејата за олимписки мир; навистина, тој повеќе симболично се прокламира, отколку што реално може да се спроведе во неговата изворна форма и значење. Генералното собрание на ОН едногласно повика на олимписки мир за време на наредната олимпијада во Атина 2004-та, донесувајќи резолуција за "мирен и подобар свет преку спортот и олимпискиот идеал".
Повикот за мирување на оружјето за време на олимпијадата е едната страна на првата спортска резолуција на светската организација; другата е помалку симболична, но затоа пак на долг рок многу поефикасна за мирот во светот отколку неброени политички декларации, смета Адолф Оги, заменик-генерален секретар на ОН. "Во спортот учам да губам и да победувам, да ги прифатам правилата, учам да прифатам решенија на судијата, да го респектирам противникот - а тоа и во политиката исто така е многу важно". Спортот како бесплатно животно училиште - тоа е пораката на поранешниот претседател на Швајцарија. 61-годишниот Адолф Оги се надева дека проекти што настануваат врз основа на резолуцијата на ОН можат и натамошно да се шират; тој - заедно со невладини организации - веќе иницира околу 150 спортски иницијативи.
За ОН наједноставен, најглобален спорт е фудбалот. За да се игра на улица, доволни се само една топка и две екипи, нема потреба од пари и спортски клубови, туку само од поттик, како што тоа ширум светот го прави поранешниот германски репрезентативец Јирген Клинсман. Адолф Оги укажува: "Поради тоа сега, заедно и со Германија, во тек е една акција за форсирање на тој уличен фудбал и за девојчиња". Оги верува дека спортот, фудбалот може да го придвижи светот, иако по некогаш се во прашање само милиметри: "Сега веќе е направен пробив. Првиот чекор веќе успеа со тоа што на пример во Иран сега и жени можат да одат на фудбалски натпревари".
Швајцарскиот дипломат и неговиот спортски тим успеаја да го придобијат Тунис за предлагач на првата резолуција на ОН за спортот, а Оман или Саудиска Арабија како големи спонзори. Првата цел е постигната. "Тоа е важно. Ако сакаме светот да го направиме подобар, мора и да помогнеме во тоа, да изградиме малку повеќе разбирање, воодушевување, радост и во земјите на Третиот свет, во сиромашните земји".
Значи, спортот како основа за развој и мир. Покрај културата, политиката, економијата и религијата, спортот сега, со Резолуцијата и со успесите ширум светот, според Оги, влезе во Лигата на шампионите на ОН.