1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Резолуција на ОН без воена закана?

САД и Русија најверојатно се приближуваат до компромис во разговорите за Сирија што се водат во Женева. Вашингтон сега е подготвен под одредени предуслови да се откаже од закана со насилство против режимот во Дамаск.

Досега заканата со примена на сила во резолуцијата на Советот за безбедност на ОН беше една од главните точки околу кои се спореше за време на разговорите на САД и Русија. САД настојуваа во резолуцијата да биде вметната ваква закана, додека Русија тоа го одбиваше. Американските медиуми, кои се повикуваат на извори во владата, јавуваат дека американскиот претседател Барак Обама е согласен со резолуција во која ќе има закани до Сирија од друг вид, како санкции. Обама, меѓутоа, и натаму би си го задржал правото за американски напад врз Сирија. Тој наводно и натаму настојува за тоа да добие дозвола од Конгресот. Белата куќа тоа се‘ уште го нема потврдено.

Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери и неговиот руски колега Сергеј Лавров (на насловната фотографија) во Женева од четвртокот (12.09.) разговараат за сириското хемиско оружје. Притоа, двете страни најверојатно стигнаа до пресврт, јави агенцијата АФП, повикувајќи се на извори во американското Министерство за надворешни работи. Кери и Лавров и денеска (14.09.) продолжуваат со разговори, иако тие првично требаше да траат само два дена.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун смета дека прашањето е дали сириското раководство воопшто ќе се држи до меѓународен договор за контрола на хемиското оружје. Претседателот Башар ал-Асад одговори „се чини позитивно“ на рускиот предлог за предавање и уништување на оружјето, но „во меѓународната заедница постои сомнеж“, рече Бан за француската телевизија „Франс 24’, додавајќи дека таквите сомневања ги дели и тој лично.

Во ОН пред два дена стигнало барање на Дамаск за пристапување кон Конвенцијата за хемиско оружје, со која се забранува развој, производство, складирање и употреба на ваков вид оружје. Портпарол на ОН вчера соопшти дека барањето не може да биде веднаш обработено, поради тоа што недостигале некои документи.

Syrien UN Experten für Chemische Waffen besuchen ein Krankenhus nach Giftgasangriff

Инспектори на ОН во болница во Сирија по нападот со гас

Извештајот за отровниот гас ќе биде готов викендов

Претходно, шефот на тимот инспектори на ОН во Сирија, Аке Селстром, соопшти дека извештајот на меѓународната заедница за евентуалниот напад на Сирија со хемиско оружје треба да биде готов најдоцна овој викенд (14/15.09). Кога извештајот ќе биде објавен - ќе одлучи генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун.

Инспекторите на ОН во Дамаск бараа докази за тоа дали било употребено хемиско оружје на 21 август. Тие, како што се вели, нема да утврдат од страна на кого било евентуално употребено вакво оружје, во нападот во кој, според американски наводи, загинале повеќе од 1.400 луѓе. Меѓутоа, од дипломатски извори се вели дека иснпекторите би можеле да утврдат од чија страна е употребено хемиско оружје, затоа што со утврдување на системите за испукување и хемискиот состав може да се стигне и до информација за напаѓачот.