1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Резерва за непредвидени ситуации

Шефот на мисијата на ММФ за Македонија, Вес Мек Гру, ја објаснува новата кредитна линија за претпазливост, како и зошто таа и’ е неопходна на земјата во сегашните услови.

default

Логото на Меѓународниот монетарен фонд

ДВ: Господине Мек Гру, како го коментирате фактот што токму Владата, којашто брзаше предвреме да се раздолжи со Фондот, го склучува најголемиот аранжман досега?

Мек Гру: Важно е да се разбере дека станува збор за кредитна линија за претпазливост, ова не е заем туку кредитна линија, Македонија може да повлекува средства доколку е потребно. Тоа е еден вид на осигурување во случај на некои непредвидливи шокови.

ДВ: Колкава сума очекувате да биде повлечена во наредните две години?

Мек Гру: Не очекуваме дека Македонија ќе треба да ги искористи овие пари, но е добро да бидат достапни како еден вид осигурување во случај на неочекувани шокови. Корисно е да се има еден вид осигурување што им овозможува на државите да имаат самодоворба дека и во случај на непредвидени ситуации имаат резерва за да ја обезбедат својата финансиска стабилност.

ДВ: Но, ако ризиците се мали, а Македонија води здрава економска политика, зошто е толку голема сумата од оваа кредитна линија?

Мек Гру: Веруваме дека економските политики во Македонија се силни. Потврда за тоа е нискиот фискален дефицит, нивото на јавен долг од 25 проценти од БДП, е ниско, инфлацијата исто така. Но, како и да е, видовме во последните две години различни шокови во светот. Почна со Леман Брадерс, па кризата во Грција, сега во Ирска. Потенцијалите за нови шокови, кои би можеле да имаат ефекти врз Македонија се големи.

ДВ: Колку се ефтини овие пари. Кои се условите за враќање?

Мек Гру: Ако Македонија позајми пари од ММФ, условите за враќање се вообичаените што ги нуди Фондот во нормалните аранжмани со различни каматни стапки поврзани со доларот, еврото, јенот и фунтата. Во секој случај, ако Македонија позајми 400 милиони евра, просечната каматна стапка ќе биде нешто поголема од 2 процента.

ДВ: Каков е вашиот коментар за проектот “Скопје 2014“, проект вреден неколку стотици милиони евра. Може ли тоа да го доведе во опасност зацртаниот буџетски дефицит од 2,5 процента?

Мек Гру: Ние сме убедени во определбата на Владата да го зачува фискалниот дефицит на ниво од 2, 5 проценти од БДП, а што се однесува до тоа како некоја земја членка ги троши буџетските пари, тоа не е предмет на наш интерес. Тоа е тема која треба да се дебатира на јавни и политички дебати.

ДВ: Дали одобрувањето на толкава сума значи дека ММФ верува во економската иднина на Македонија и покрај блокираните евроинтреграции поради спорот со Грција?

Мек Гру: Оваа кредитна линија за претпазливост значи дека ММФ има доверба во македонската макроекономска политика и очекува продолжување на стабилноста и порастот. Зачленувањето во НАТО и ЕУ не е дел од релациите меѓу Македонија и ММФ, иако сме сигурни дека членството во ЕУ ќе и’ донесе голема корист на Македонија.

ДВ: Што мислите за тезата дека напуштањето на курсот на стабилен денар ќе биде поттик за македонската економија?

Мек Гру: Политиката на стабилен курс на денарот добро и’ служи на економијата и ние ги охрабруваме заложбите на властите да продолжат со таквата политика.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Горан Чутаноски