1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Резбата - сведоштво за македонската култура

Македонија од секогаш имала прочуни резбари во дрво, кои оставиле зад себе драгоцени копаничарски дела. Традицијата не згаснува. Но, уметниците и експертите предупредуваат на заштита на македонските резби.

default

Резба

Трпеливо, прецизно и макотрпно ги врежуваат македонските копаничари во дрвото своите мечти, уметничката имагинација, проткаена со употреба на 30-тина симболи на животни, растенија, предмети и други мотиви. Резбарските тајфи од минатите векови на Петре Филиповски - Гарката, Макариј Фрчковски, браќата Димитар и Андон Станишеви, како и мнозина други од времето тогашно, но и сегашно, ја исполнија македонската култура со врвни резбарски дела: иконостаси, архиерејски тронови, царски двери, балдахини, полиелеи ...

Здружението на македонските копаничари со седиште во Битола во изминатите 17 години од своето постоење организираше 47 изложби и 16 уметнички колонии на македонската резба. Во Музејот на тетовскиот крај се одржува 48-мата изложба и таа ќе биде отворена до 29 мај. Изложени се 50-тина експонати на 25 автори од целата земја.

Подем на резбата во Македонија

Holzschnitzerei - Holzschnitzen - Ausstellung in Tetovo

Резба

Димитар Ќорнаков од Скопје, пензиониран универзитетски професор по историја на уметноста и експерт за копаничарство, вели дека во Македонија веќе десеттина години се случува исклучителен подем на резбата: „Тоа се должи на една традиција, која е вградена во духот на нашите поколенија. И тие новите што се раѓаат сега, го носат тој ген на своите претци. Не можам да верувам луѓето кои не оделе воопшто во тие резбарски школи и ателјеа, како самите со своите деца создаваат ремек-дела. Тоа е нешто несфатливо.“

Македонските културни артефакти да се презентираат и во странство

Holzschnitzer Budimir Apostolski

Будимир Апостолски

Будимир Апостолски, копаничар од Тетово, кој е присутен во оваа дејност 15 години со изработени околу 400 дела, истакнува дека се неопходни грижливо негување на богатите традиции, но и многу поголемо претставување во странство на овие дела од македонското културно наследство: „Сегашните луѓе, кои работат во оваа дејност, треба да едуцираат и млади кадри, што значи, истите тие кои ќе ја продолжат оваа традиција која трае со векови. Со резбарските дела во копаничарството презентираме голема цивилизација, ние сме во рамките на големите светски култури. Наша должност е оваа наша мала земја, но со многу културни артефакти, да се презентира во светот. За нас, Македонците, културата е нашето најсилно оружје.“

Jesus-Schnitzkunst von Budimir Apostolski

Исус-резба

Д-р Ќорнаков посочува на своите незаборавни искуства од фасцинантните изложби на македонското копаничарство уште во 80-тите години од минатиот век во европските метрополи, кога Македонија со нив влезе во Европа, но во нејзината култура, во музеите во Брисел, Братфорд, во скандинавските држави. Тој нагласува дека вакви меѓународни презентации недостигаат многу, особено денес, кога се негираат националниот и културниот идентитет на македонскиот народ. Ќорнаков во овој контекст дополнува: „Тие беа восхитени од оригиналните, од големите дела на еден мал народ. Мислам дека тоа требаше да се повторува и во годините потоа и во други земји. Тука ќе се види културата, творештвото и опстанокот на еден народ, кој твори и кој имал своја култура и идентитет.“

Апел за заштита на резбарството

Стеван Гроздановски, резбар во дрво од Охрид, укажува на еден интересен аспект: „Во Скопје на Скопскиот саем за мебел пет години одев со ред и еден тогаш ми се закани, велејќи ми: ’Машинската резба ќе ве замени, вие немате веќе ништо што да внесувате, светот ќе се азвтоматизира’. Тогаш јас му одговорив: ’Она што ќе го направи човечката рака компјутерот не може да го замени. Така е и со резбата. Ние во неа ја вградуваме својата душа.’“

Ikonostas Sv.Jovan Bigorski

Иконостасот во манастирот Свети Јован Бигорски

Претседателот на Здружението „Копаничар“ од Битола Злате Крстевски дополнува во овој контекст: „Апелирам до институциите на власта, на државата, до Министерството за култура, како и до Македонската православна црква и сите други чинители, да се престане со носењето од други држави на ефтини резби како ентериер и како мебел во институциите и во црквите и манастирите. Со тоа ја унакажуваме оваа наша автентична македонска уметност. Во нашите резби е вградена традицијата и особините на македонската резба со сета македонска симболика, во нашите копаничарски дела е врежан и нашиот идентитет, а на тој начин, со носењето такви резби од надвор, кои се ефтини и со мотиви изработени на поинаков начин, се ’урива’ традицијата на домашната резба.“

Македонските уметници – копаничари, чии дела красат многу цркви, манастири, приватни и државни музејски збирки во земјата и во странство, очекуваат продолжување, но и зголемување на материјалната поддршка од Министерството за култура на Македонија

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска