1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Режисерот на филмот за Мухамед на распит

Режисерот на антиисламскиот филм „Невиноста на муслиманите“ побарал помош од адвокат, откако бил повикан на распит од страна на полицијата во САД.

Наводниот продуцент на филмот „Невиноста на муслиманите“ беше одведен на распит во полицијата во Калифорнија. Накула Басели Накула излегол доброволно од својот дом јужно од Лос Анџелес за да се сретне со претставници на полицијата. Тој не е уапсен, јавуваат американски медиуми.

Режисерот на спорниот филм треба да објасни дали не ги нарушил условите за својата пробација (условно ослободување, н.з.)откако бил ослободен од затвор минатата година. Педесет и пет годишниот христијански копт бил осуден во 2010. година на 21 месец затвор заради банкарска измама.

Тој со својот антиисламски филм, во кој недолично го претставува пророкот Мухамед, предизвика бран протести во целиот исламски свет против Западот, во кој има и најмалку шест човечки жртви.

Огранокот на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда во Јемен ги повика муслиманите да ги засилат протестите и да убиваат уште американски дипломати во муслиманските земји, откако филмот „Невиноста на муслиманите“ ги навреди нивните верски чувства и предизвика протести и насилства во исламскиот свет.

„Кој и да наиде на американски амбасадори или претставници треба да го следи примерот на потомците на Омар ал-Мухтар коишто го убија американскиот амбасадор“, се наведува во повикот испратен преку интернет мрежите, алудирајќи на нападот од вторникот врз американскиот конзулат во источниот либиски град Бенгази, во кој беа убиени американскиот амбасадор Кристофер Стивенс и уште тројца дипломатски службеници.

„Исфрлањето на амбасадите нека биде првиот чекор кон ослободувањето на муслиманските земји од американската хегемонија“, се наведува во соопштението објавено денеска (15.09) на интернет страницата на Ал Каеда. Се истакнува, исто така, дека филмот што го навредува пророкот Мухамед е дел од „крстоносните војни против исламот“.