1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Рединг посакува повеќе оптимизам во ЕУ

Европската унија ја прогласи 2013 година за година на граѓаните. Граѓаните во ЕУ не треба да говорат само за кризата, туку треба да ги видат и предностите, вели за ДВ, еврокомесарката Вивијан Рединг.

ДВ: Веќе 20 години постои европско државјанство. Многу жители на ЕУ не се ни свесни дека поседуваат такво државјанство. На што се должи тоа?

Рединг: Причината е тоа што сите одговорни, и тука не мислам само на европските туку и на националните политичари, не ја објаснуваат Европа доволно. Затоа 69 отсто од Германците не се чувствуваат доволно информирани за своите права како граѓани на ЕУ. Тие често се чувствуваат исклучени од процесот на одлучување. Тоа се однесува и на Брисел и на Берлин. Погледнете, кога заседаваат Европските совети, тогаш оние кои се одговорни на национално ниво говорат како да се одржал боксерски меч.

„Ги победивме сите!“, велат националните политичари. И потоа луѓето мислат дека во Брисел се одржуваат боксерски мечеви, каде еден мора да победи. Но, токму спротивното важи. Ако едниот го победи другиот, тогаш сите сме загубиле.

ДВ: Што конкретно планирате во европската година на граѓаните?

Рединг: Важно е да не се држат долги говори, туку да се сторат две нешта: прво, мораме да ги информираме луѓето и постојано да ги потсетуваме на успесите на ЕУ. Европа го обедини континентот кој низ историјата постојано беше поделен со војни. Второ, Европа се обедини на тој начин што всушност таа за цела една генерација функционира како една држава. Погледнете ги студентите од програмата Еразмус, кои студираат во соседните земји. Во 2011. година само од Германија или во неа преку програмата Еразмус биле вклучени половина милион луѓе.

Gruppenfoto Europäische Kommission Barroso II

Групна фотографија на Европската комисија

Слободата на движење за повеќе од половината граѓани е најавжната придобивка, но тие не знаат дека тоа право го овозможи ЕУ. Значи, на граѓаните мора да им објасниме дека тие основни права ги овозможи Европа.

ДВ: Постојат бројни студии кои покажуваат дека на граѓаните на ЕУ им недостасува заеднички идентитет. Како може да тоа да се промени?

Рединг: Би рекла дека е и полошо од она што вие го велите. Ние се чувствуваме како припадници на едно село, град или регион. Јас лично потекнувам од еден регион во Луксембург. Јас најпрво се чувствувам како припадник тој регион, па потоа како Луксембуржанка и потоа како Европејка. Едното воопшто не го исклучува другото. Ние мораме да ги задржиме и нашите специфични корени како Европјани. Тие не треба да се заменат со нешто заедничко. Убаво е што во Европа можеме меѓусебно да ги разменуваме тие разновидности. Токму за да го објасниме тоа, бараме дијалог со граѓаните.

ДВ: Последниве години многу граѓани ја доживуваат Европа како кризен регион во кој од северот кон југот се прелеваат милијарди за спас. Дали кризата ги уназади сите планови за зајакнување на чувството на заедничка припадност?

EU Kommissionsvizepräsidentin Viviane Reding und Angela Merkel

Рединг и германската канцеларка Ангела Меркел

Рединг: Она што секогаш ме растажува е начинот на кој говориме за себе. Што слушаа најчесто германските граѓани минатата година? Европска криза, криза во Европа, милијарди за спас... Човек би помислил дека се’ се распаѓа и дека не може да се спаси. А всушност тоа не е точно. Да ги споредиме Европа и САД. Во САД нема криза на довербата кон доларот иако тие имаат поголеми проблеми со буџетот отколку европјаните. Треба да престанеме да шириме песимизам. За 2013. посакувам повеќе оптимизам и повеќе фактичко известување.

ДВ: Вие неодамна предложивте да се тежнее кон Соединети европски држави со избрани органи и со една влада, која ќе биде директно одговорна пред парламентот. Дали се граѓаните зрели за еден таков проект?

Рединг: Доколку на луѓето им се објасни, тие се зрели. Ме радува што добив поддршка од Германија. Канцеларката Ангела Меркел на почетокот на минатата година побара Европската комисија да прерасне во европска влада. И половината од населението размислува во тој правец. Околу 65 отсто од луѓето се изјаснија за политичка унија, и тоа уште пред да започне јавната расправа. Мислам дека луѓето чувствуваат дека нешто мора да се смени и дека мораме да се зближиме. Тие чувствуваат дека ни е потребен силен континент за да успееме да преживемее во глобализираниот свет. Обичните луѓе се често попаметни од политичари.

Вивијан Рединг е потпретседател на Европската комисија во Брисел и е комесар за правда и граѓански права. Оваа 61. годишна конзервативна политичарка од Луксембург е дел од Европската комисија од 1999. година.