1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Рединг: Американците сакаат да ја вратат довербата

Еврокомесарката за правда Вивиан Рединг во Вашингтон разговараше со американскиот министер за правда Ерик Холдер за аферата НСА. Граѓаните на ЕУ во иднина ќе бидат подобро заштитени од шпионажа, вели таа за Дојче веле

Дојче веле: Госпоѓо Рединг, при Вашата последна посета на САД удривте на маса и рековте: „Пријателите не се шоионираат меѓусебно“. Дали администрацијата на Обама во меѓувреме ја сфати оваа порака и што Ви рече американскиот министер заправда Ерик Холдер?

Вивиан Рединг: Не само што владата рече нешто, туку и народот се чини се променил. Зашто, во изборните окрузи на конгресмените вистински врие. Луѓето се огорчени поради праксата на безбедносните служби, поради фактот дека тоа не ги погодува само нив, Американците, туку и сојузниците. Во Америка настанува вистинско движење кое не сака да се продолжи на овој начин. Поради тоа доаѓа до придвижување и во Конгресот и во владата.

ДВ: Што конкретно донесовте по разговорот со Ерик Холдер?

Вивиан Рединг: Ние водиме преговори околу рамковен договор за заштита на податоците на европските и американските граѓани при правна и полициска соработка меѓу двата континента. Се испостави дека заштитата на европските граѓани, кога се во САД, е можно да функционира само преку промена на законите. Се чини дека постои размислување за промена на овие закони, што е целосно ново. Мислам дека на Америка и‘ е јасно - ако сака силна соработка со Европа на социјален и економски план, таа мора да биде поставена на исто рамниште и во областа на правата.

ДВ: Можете ли да наведете еден пример за тоа?

Вивиан Рединг: Кога еден Германец или Австриец во Минхен влегува во авион за да лета кон Вашингтон, а неговите лични податоци Американците погрешно ги интерпретираат или ги заменат, тогаш тој е соочен со огромни проблеми кога ќе стигне во Америка. Но, тој нема можност да се брани пред американските судови. Еден Американец во истиот случај во Европа има можност да го бара своето право пред европските судови. Затоа, веруваме дека мора да постои рамноправност на правата на Американците кај нас и на правата на Европејците во Америка.

ДВ: Да се вратиме на НСА-аферата со шпионирање. Мора ли Европејците и Американците да договорат нови правила околу шпионирањето?

Вивиан Рединг: Американскиот претседател тоа го најави, а министерот за правда потврди дека постојат реформи кои се започнати. Но, она што е ново во овие реформи е што нема да се однесуваат само на американските граѓани, туку и на третманот на европските. А тоа е апсолутно ново. Претходно при вакви прашања во обзир беа земани само американските граѓани.

ДВ: Можат ли значи европските граѓани во иднина да бидат сигурни дека нема да бидат прислушувани?

Вивиан Рединг: Тоа е целосно друго прашање. Тајните служби не подлежат на европска, туку на национална надлежност. Тука значи мора нашите национални држави да соработуваат со Американците на постигнување промени. Но, важно е што американскиот претседател и министерот за правда рекоа дека законските измени, кои се во тек, нема да се однесуваат само на Американците, туку и на Европејците. Тоа е новина.

Дојче веле: Какви барања имате до претседателите во овој контекст?

Вивиан Рединг: Моите барања се движат во рамките на соработката на безбедносните служби, значи, полицијата и судството, каде постои европска надлежност. Што се однесува на тајните служби, тоа мора да го вршат националните држави. Но, во Америка постои позитивно придвижување, верувам дека тоа ќе води кон растење на довербата, што е неопходно. Зашто, сведоци сме дека таа денес е целосно разнишана. И во Германија големо мнозинство од граѓаните нема верба во Американците. Мора да му се спротиставиме на тоа со конкретни акции. А според она што го чув од Американците, може да се заклучи - тие се подготвени на повторно воспоставување на довербата.