1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Регионалниот развој во Македонија каска зад ЕУ-просекот?

Рамномерниот регионален развој во Македонија е дел од обврските како кандидатка за членство во ЕУ. Државата планира во 2019 година да постигне намалување на огромниот развоен диспаритет меѓу осум плански региони.

default

Заштитата на Охридско езеро, еден од проектите

Стратегијата за рамномерен регионален развој на Република Македонија, донесена во 2009 година, предвидува најмалку развиениот меѓу постојните 8 плански региони да има бруто домашен производ по жител не понизок од 35 проценти од просекот на ЕУ во 2019 година. Критикувајќи дека таа стратегија и законот за рамномерен развој на регионите, всушност, се изигруваат, многу градоначалници и аналитичари стравуваат дека стратегиските и законските амбиции и приоритети ќе останат можеби само „мртви букви“ на хартија. Тие бараат, конечно, државата да започне да издвојува за тие намени најмалку по 40 милиони евра годишно, согласно со законот.

Водоводи, атмосферски и фекални канализациони мрежи, регионални депонии, уредувања на крајбрежјата и заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро, оформувања центри - „инкубатори“ за развој на малите и средните бизниси ... Сево ова е само мал дел од големиот број развојни проекти, содржани во програмите за развој на сите осум плански региони во земјата за периодот од 2011 до 2014 година, со вредност од повеќе десетици милиони евра. Во текот на годинава ќе се реализираат 37 проекти, за што ќе бидат потребни 1 и пол милион евра, издвоени од буџетот на државата.

Gevgelija in Mazedonien

Гевгелија, дел од Југоисточниот плански регион

Депонии за смет со пари од странски и домашни компании

Еве само еден конкретен пример колкаво значење и‘ се придава на екологијата во Југоисточниот плански регион, сочинет од Гевгелија, Струмица, Радовиш, Делчево, Дојран и уште пет помали селски општини. „Во развојната програма на овој плански регион приоритет е изградбата на регионалната депонија вредна 20 милиони евра“, вели градоначалникот на Делчево, Николче Шурлиновски, и нагласува:

„Решивме да направиме проект за изградба на регионална депонија во селото Добрашинци, општина Василево. Проектот е изготвен, распишан е меѓународен тендер за учество на странски фирми во градбата на депонијата.“

Планираното за изградба во осумте плански региони е толку обемно што би можело да се предизвика впечаток дека се работи за еден глобален проект, условно да го наречеме, „Македонија 2014“. Одделни градоначалници и од опозицијата и од позицијата отворено се сомневаат дека не мал дел од развојните програми, сепак, нема да се реализираат.

Дури, Зоран Дамјановски, градоначалникот на Куманово и претседател на најнеразвиениот Североисточен плански регион, вели дека „прикажаните проекти не се проекти изработени од општините и планските региони – туку на Владата“:

„Тие се принудени да ги прикажат дека се тоа нивни проекти. Се‘ што се прави во име на Владата се прави под превез дека е тоа од регионалниот развој. Проекти од Светската банка за локалните патишта сега ги покажуваат во таа улога. Исто така, и проектите финансирани од Европската банка за обнова и развој за изградба на водоснабдителни и канализациони системи. Управувањето со сите овие проекти не е на локално или регионално, туку на централно рамниште.“

Министерот за локална самоуправа Невзат Бејта ги изнесува за Дојче веле првичните сознанија од својата штотуку започната анализа за искористувањето на парите, кои Владата ги издвојува од државниот буџет за развојните проекти во општините:

„Оние општини кои конкурирале, а не ги реализирале проектите, поради незапазување на роковите за отворање на тендерите, ќе ги загубат парите што беа издвоени за тоа во буџетот за 2011 година, оти не ги искористиле..“

Бејта се согласува дека има такви неспроведени проекти, кои повторно се вградуваат во програмите на планските региони до 2014 година и дополнува:

„Некои градоначалници не се одговорни во потребната мера, поради неспроведувањето на  проектите. Ако им ’изгорат’ парите поради тоа, тие нема да загубат ништо, ниту пак ќе одговараат пред своите граѓани. За ова говорев и во Владата. Јас ќе посочам конкретно кои се тие градоначалници и општини, но не сега, туку кога ќе ги имам деталните информации.“

„Мутирани“ проекти

Градоначалникот Шурлиновски се надоврзува:

„Општините не се екипирани добро со стручни лица, кои што треба да работат во службите, особено во одделите за урбанизам. Тоа покажува дека проектите се недоволно, или целосно неквалитетно направени. Вие можете да добиете пари за проектите, ама ако тие се направени со ’сите нишани' и ако ги исполнуваат условите. Тоа покажува дека сите оние семинари, кои што министерствата за локална самоуправа, за транспорт и врски и за земјоделство ги одржуваат заради обуки на државните службеници, треба да се сфатат сериозно, да се посетуваат и да се здобијат уште повеќе знаења. Не може проект да не биде прифатен, ако е квалитетно изработен. Точно е, имаме проекти од општините, кои што не се направени како што треба. Тоа го знам како член на Управниот одбор на Заедницата на општини на Македонија во два досегашни мандата, а сега и во овој трет мандат, но и како актуелен претседател на Југоисточниот плански развоен регион. Не треба да ми се лутат моите колеги  градоначалници, особено и нивните служби, кога го велам ова.“

Притоа, тој подвлекува:

„Затоа таквите проекти, овојпат преправени и дотерани, повторно се наоѓаат во развојната програма до 2015 година или на планскиот регион, или на општините, особено селските. Сметам дека се доработени сега, за да бидат постручно и поквалитетно направени.“

Во овој контекст професорот по развојна економија на регионите Јован Пејковски од државниот универзитет во Скопје напоменува:

„Проект што се повторува, а е добро направен, значи дека ја потврдува потребата за таков развоен зафат. Повторувањето на проектите може да се гледа и од аспектот на тоа дека навистина не се решени потребите и барањата на луѓето. Тогаш тој проект и натаму ќе се повторува се додека не се реализираат барањата на луѓето.“

Berg Schar Planina in Mazedonien

„Шминкање на развојните програми“

Како потпретседател на Заедницата на општини на Македонија, Дамјановски е категоричен дека „и во периодот до 2014 година нема да има регионален развој, исто како и досега“:

„Законот за рамномерен регионален развој се изигрува. На годишно рамниште наместо предвидениот 1 процент од бруто домашниот производ на земјата, за рамномерниот регионален развој не им се даваат на општините ниту неколку отсто од парите според таа основа. Со парите што им се одобруваат на општините за регионалниот развој сега не може да се започне ниту една активност за каков било проект. За да не пропадне законот, а и целата концепција за рамномерниот регионален развој, што е    условот и за европската агенда на Македонија, се пуштаат само минимални парични суми. Со тоа само се ’шминка’ програмата. Не постојат реални инвестиции. Споменатиот закон четири години се применува, но, ниту еден проект во земјата не е спроведен врз основа на него.“

Министерот Бејта вели:

„Тоа е законска обврска и јас ќе се залагам тоа да се спроведува во пракса. Станува збор за сума поголема од 40 милиони евра.“

Професорот Пејковски има свој коментар:

„Државата застана на онаа цврста, европска ориентација дека регионалните политики, регионалните развојни цели, мора да стануваат приоритет. Стратегијата за рамномерен регионален развој, која е донесена со цел да се пристапи кон реализирање една нова концепција, ги дава суштината и основата за градење политика, мерки и инструменти, преку кои државата ги дефинира пристапите за остварување одредена политика. Стратегијата за регионалниот развој е нова, таа е донесена во 2009 година. Така што би било преурането да се дава оценка за нејзината спроведливост, односно, колку е таа реализирана и колку е успешна, колку придонесла кон менувањето на регионалниот развој. Таа стратегија има долгорочен развој и се однесува до 2019 година. Но, сепак може да се каже дека основата за пристапот, за концептот и за дејствувањето, се поставени токму со споменатата стратегија. Веќе се преземаат системски мерки  со стратегијата, со оперативните планови, но и со создавање институции, кои треба постојано да дејствуваат во насока на решавање на проблемите предизвикани од нерамномерниот развој.“

Како и да е, физиономијата на развојот на планските региони во земјата во следниве четири години е вообличена со нивните програми. Според стратегијата за рамномерниот регионален развој, парите за овие цели треба да се обезбедуваат не само од буџетот на државата и од буџетите на општините, туку и од фондовите на Европската унија и други меѓународни извори, како и од домашни и странски физички и правни лица.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска