1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Револуцијата во Грузија уште не е завршена

Пет години од мирната револуција со која беше симнат од власт тогашниот претседател Едуард Шеварднадзе. Опозицијата го критикува претседателот Саакашвили дека ги предаде идеалите на револуцијата.

default

Претседателот на Грузија Михаел Саакашвили со роза во раката, симбол на мирната револуција од пред 5 години

Актуелниот шеф на државата Михаел Саакашвили славеше со гостинот, претседателот на Полска Лех Качински. Сенка фрли инцидентот кога врз колоната возила, во која се наоѓале Качински и Саакашвили, било пукано. Колоната се движела во подрачје во близина на Јужна Осетија со намера да посети некој контролен пункт. Во инцидентот никој не е повреден, а на заедничката прес-конференција на двајцата државници, Саакашвили одговорноста за инцидентот им ја префрли на руските војници, кои се наоѓаат во Јужна Осетија, грузиски регион кој прогласи еднострано отцепување и осамостојување. „Искрено, не очекував Русите да отворат оган. Мислев дека тие јасно гледаат оти станува збор за официјална колона, за висока делегација“, рече Саакашвили. Тој укажа дека подрачјето каде се случил инцидентот е често посетувано од европските набљудувачи и вообичаено Русите не постапуваат вака. „Јасно е дека намерата беше да се провоцира. Секако дека немав намера да го доведам во опасност животот на претседателот на Полска, но вистина е дека имаме работа со непресметливи луѓе“, рече Саакашвили.

Со Саакашвили полошо, отколку со соборениот Шеварднадзе

Грузиската опозицијата, пак, го одбележа денот со демонстрации против Саакашвили и со чекори кон обединување, за да се оспособи да ја преземе власта. На петтата годишнина од таканаречената „револуција со рози“ на најголемиот дел од Грузијците не им беше до славење - не само поради августовската војна со Русија, туку во доверба се’ почесто се вели и дека со Саакашвили како претседател е полошо, отколку што било во времето на Шеварднадзе.

Feier zur Rosenrevolution in Georgien

Од прослава по повод Розевата револуција

Пет години по револуцијата, луѓето повторно излегоа на улични протести. „Овде сме, оти сакаме демократија, а не управување од еден единствен човек, кому му се подредени сите структури“, вели Паата Џибладзе, опозиционен политичар.

Демонстрираа само неколку стотици луѓе. Се’ уште разединетата опозиција не можеше да собере повеќе демонстранти. „Мора да бидеме разумни и да се здружиме. Мораме да ги потиснеме сите наши амбиции, на прво место мора да биде Грузија. Ако сите опозиционери се здружат, можеме да ја спасиме Грузија“, порача Леван Гачешиладзе, кој му беше противник на Саакашвили на претседателските избори.

Бурџанадзе - водач на обединетата опозиција?

Не е случајно што токму на вчерашниот ден 44-годишната Нино Бурџанадзе формира нова опозициона партија, која исто така не случајно ја нерече „Демократско движење Обединета Грузија“. Бурџанадзе, една од клучните фигури и во револуцијата пед пет години, веќе преговаа со други водечки личности од опозицијата, со цел за промена на власта и за воведување нов бран на демократски реформи.

Proteste in Georgien Tiflis

Протестите во Тбилиси во ноември 2003-та година беа масовни

На основачкиот конгрес, пед три илјади приврзеници, таа го критикуваше Саакашвили поради авторитарниот стил на раководење и цинизмот со кој ја воведе земјата во бесмислена војна. По нејзиниот крај владата мораше да се повлече, рече Нино Бурџанадзе и побара „праведни избори во кои ќе нема место за лаги и цинизам“. Системот е корумпиран, нема ни независно судство, ниту медиумска слобода, Саакашвили одамна ги предаде идеалите на револуцијата, оцени Бурџанадзе и нагласи: „Партијата свесно ја основав на годишнината од ’револуцијата со рози‘. Знам дека многу желби на граѓаните во однос на демократизацијата не се спроведени. Сега мораме да ја јакнеме нашата демократија. На земјата и’ е потребна вистинска промена“.

Можност за тоа постои, фрустрацијата кај луѓето е голема. Тие веќе не веруваат во претседателот и неговите ветувања за реформи. Револуцијата се’ уште не е завршена, изјави Саакашвили во говорот по повод јубилејот. Можеби и ќе биде во право.