1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Револуционерниот милијардер се откажа од богатството!

Сопственикот на германскиот синџир на дрогерии ДМ, Гец Вернер, целиот удел во сопственоста на оваа компанија го префрли на една добротворна фондација, оставајќи ги своите седум деца без наследство.

default

Основачот на дрогериите ДМ, Гец Вернер

Како што соопшти самиот Вернер, кој се придржува до американската изрека дека „не е срамота да се збогатиш, туку е срамота да умреш богат“, неговите седум деца така нема да бидат наследници на капиталот од преку една милијарда евра.

Синџирот на дрогерии ДМ има 2.200 филијали ширум Европа, со 34.000 вработени и годишен промет од околу пет милијарди евра. На своите деца Вернер им обезбедил квалитетно образование, оти како што вели „децата имаат право на добар старт во животот, но не и на тоа родителите да им обезбедат доживотна благосостојба на нив и нивните потомци“.

Германските богаташи треба да донираат


Microsoft Bill Gates in Deutschland

Бил Гејтс ги повика германските богаташи да донираат барем половина од капиталот

Вернер во 1973 година основа синџир на дрогерии и со тоа потполно го промени системот на продажба на козметички и хемиски производи, претворајќи ги дрогериите во мали самопослуги, со што значително се намалиле цените.

Неодамна американските милијардери Ворен Бафет и Бил Гејтс ги повикаа и германските „колеги“, најмалку половина од својата сопственост да подарат во добротворни организации. Но, немаше одзив, а повеќето богаташи изјавија дека тоа не е потребно, оти секако веќе подаруваат значителни суми во добротворни цели.

Сопственикот на ДМ, Вернер со децении важи за „необичен“ работодавач. Вработените во филијалите имаат право ако сакаат самите да го одредат асортиманот, „персоналните трошоци“ во фирмата ги нарекува „креативни трошоци“, а учениците кои го изучуваат занаетот во ДМ, ги праќа на театарски работилници за да го поттикне развојот на личноста.

Моќта на идеите


dm Drogeriemarkt

Успешниот концепт на Вернер ги намали цените во дрогериите

Вернер кој е и професор за претприемништво на Институтот за технологија во Карлсруе, е коавтор на тукушто објавената книга „1.000 евра за секого“, во која се залага секој граѓанин да добива основен приход од 1.000 евра, оти тоа придонесува за ослободување на човекот.

Системот за социјална помош во Германија, Вернер го нарекува „затвор со ноќевање дома“. Сопственикот на дрогериите ДМ смета дека со овој систем се кршат човековите права, и не се почитуваат повеќе членови од германскиот Устав.

Гец Вернер е уверен дека и овие негови идеи еден ден ќе бидат успешни како компанијата ДМ, оти „ништо не е толку моќно како некоја идеја за која е дојден вистинскиот момент“.

Автор: ЈЈМ/СН/бета

Редактор: Жана Ацеска