1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ревитализација на Германско-македонското друштво

Одборот на Друштвото ја призна досегашната пасивност и одлучи во иднина акцентот да се стави на подоброто внатрешно информирање меѓу членовите, но и посилно присуство и препознатливост во германското секојдневие

Германско–македонското друштво кое постои уште од 2000 година и чија цел беше и остана да ги иницира и унапредува политичките, економските и културните односи, и тоа пред се’ преку размена на информации меѓу луѓето од двете земји, последниве две години како да беше „зачаурено“. Од седницата на одборот во крајот на јануари 2011 до вчерашната средба изминаа речиси две години. Поради отсуството на активности не се реализираа и начелните планови на изложби, литературни читања и сл. Затоа, како што самокритички забележа и првиот човек на друштвото Валтер Колбо „потребно е интензивирање на контактите и воспоставување континуитет во работењето. Неопходно е да се изнајдат нови форми на комуникација“. А тоа се на пример точно дефинирани (време и место) квартални средби на кои ќе бидат поканети сите членови на одборот и на кои ќе се договора кога и со која цел би било свикано и генералното собрание на целокупното членство кое сега брои над 100 лица. Втора работа е да се направи вистински избор на теми кои би се дискутирале и преку кои конечно би се променила формата на делувањето на друштвото, со што „лежерните дискусии“ би требало да преминат во конкретни активности, преку кои ќе се сигнализира дека Друштвото постои, работи, е отворено за нови членови и идеи, за сите оние кои сакаат да придонсат на реалцијата Македонија – Германија.
„Ние можеме и повеќе да направиме! Дел од нас се политички активни, но тоа како што се вели, не е за на бина, никаде не се гледа! Затоа во оваа година еве уште сега ги определивме кварталните средби на кои тематски и конкретно ќе се разговара и делува, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите“, подвлече Колбо, кој на почетокот на март ќе престојува и ќе има повеќе политички средби во Скопје.

Да се искористат новите комуникаци

Филологот Др. Бетина Штреве потсети дека интернет страницата е вистинската слика на Германско-македонското друштво, па оттаму е потребно нејзино редовно актуелизирање со интересни теми од животот на Македонците кои живеат тука, но и со ангажманот на германските пријатели. Потребно е да има линкови, но и приказни од работата на Друштвото кои ќе провоцираат љубопитност и ќе иницираат интерес за вклучување во соработката со Македонија. Или, како што заклучија членовите - неопходно е подобрување на комуникацијата на две нивоа: меѓу членовите, но и од нив нанадвор, со што друштвото би било поотворено и неговото делување би било видливо и присутно и во германската јавност.

Mitgliederversammlung des Deutsch-Makedonischen Gesellschaft

Новите членови од политиката се добредојдени! (Валтер Колбо, Родерик Кизебетер и Корнелија Утевска-Глигоровска)


Во дискусијата се слушнаа повеќе идеи како апстрактното постоење на Германско-македонското друштво да добие поголема прифатливост кај обичните граѓани, меѓу кои беше и предлогот за поголемиот ангажман на германското членство на теренот на Македонија, за да може практично да се одговори на конкретните проблеми и расчистување на поимите врзани околу идното членство на Македонија во ЕУ. Но, потребно е пред се’ популаризирање на земјата тука, во Германија. Во оваа насока покрај подобрата комуникација, актуелна веб страница на Друштвото и одговарањето на прашања преку интернет, членовите си зедоа за обврска во обичното секојдневие и секаде онаму каде работат и живеат да бидат своевидни „амбасадори“ на Македонија и да не штедат време и информации да ја рекламираат земјата.

Критични погледи кон случувањата во Парламентот

Амбасадорката Корнелија Утевска- Глигоровска пред членовите на Друштвото се осврна и на актуелната политичка состојба во Македонија, одговарајќи на повеќе прашања врзани за ЕУ и НАТО интеграциите и настанатата ситуација со излегувањето на опозицијата од македонскиот Парламент. Се слушнаа забелешки дека случувањата од декември, токму во овие мигови кога се решава иднината на Македонија, се целосно контрапродуктивни. „Тупаниците и барикадите водат во изолација и тоа треба да го има на ум секој политичар во Македонија, зашто тие не се основа за среќна иднина на земјата“, беа коментарите.
На крајот од дискусиите на средбата се приклучи и Родерик Кизеветер, пратеник од ЦДУ-ЦСУ во германскиот Бундестаг, кој за ДВ изјави дека е заинтересиран да стане член на Германско-македонското друштво, иако има многу ангажмани и е потпретседател на Друштвото за Југоисточа Европа.
„Срцето ми остана на Балканот, не само заради тоа што дел од моите активни години во Бундесверот минав во Босна и Херцеговина, туку и моите семејни корени се протегаат низ регионот. Мојот дедо бил војник во Црна Гора на почетокот на 20 век, а мајка ми потекнува од Јужна Унгарија. Значи, прилично сум сентиментално врзан за Балканот, и затоа сакам и лично да придонсам во неговото официјално вклучување во европското семејство“, вели за ДВ Родерик Кизеветер.
Членовите на одборот синоќа имаа и нови избори. Валтер Колбо повторно ја доби довербата и е старо-нов претседател на Германско-македонското друштво кој најави дека престои поактивен период во кој ќе доминира препознатливоста и присуството на Македонија во германското секојдневие.