1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Реал се надева на чудо против Борусија

Пред полуфиналните реванш натпревари во фудбалската Лига на шампиони кај Борусија Дортмунд и Бајерн Минхен владее умерен оптимизам за пласман во финалето. Барселона и Реал Мадрид се надеваат на сензација.

Фудбалерите на Реал и Борусија, денеска на стадионот Сантијаго Бернабеу во Мадрид, ќе го одиграат полуфиналниот реванш во Лигата на шампиони. Борусија по првиот натпревар, одигран пред шест дена во Дортмунд, се стекна со предност од 4:1.

Тренерот на Реал, Жозе Мурињо ги повика своите фудбалери да бидат многу поагресивни и да се обидат да ја надополнат негативата од првиот меч. Португалецот нагласи дека неговите играчи мора да одиграат како на натпреварот со Атлетико, на кој Реал во саботата победи со 2:1. „Бевме премногу наивни во првиот меч. Игравме против играч кој ни даде четири погодоци, а ниту еднаш не беше фаулиран, додека Кристијано Роналдо беше фаулиран пет пати“, рече Мурињо. Според тренерот на Реал, неговите играчи на првиот меч одиграле како да е во прашање контролен натпревар. „Ментално и физички мора да бидеме посилни. Во саботата против Атлетико видов дека можеме да го браниме нашиот гол, видов тим кој беше компактен и максимално борбен“, смета Мурињо.

Португалецот на прес конференцијата нагласи дека исходот од мечот со Борусија нема да има влијание врз неговата иднина во клубот.

Екипата на Борусија која во финишот на сезоната игра во голема форма, во Мадрид допатува во комплетен состав, тренерот Клоп нема никакви проблеми околу составувањето на тимот.

„Иако многумина сметаат дека со една нога сме веќе во финалето, мислам дека сме далеку од такво нешто. Се лаже секој кој мисли дека во Мадрид не може да се загуби со 3:0“, предупреди дефанзивецот на Борусија, Матс Хумелс, по чија катастрофална грешка Реал го постигна единствениот гол во Дортмунд.

Утре (01.05.) во реванш вториот полуфинален меч, Бајерн Минхен ќе ги одмери силите со Барселона. На првиот натпревар во Минхен, германскиот тим извојува убедлива победа над големиот шпански конкурент со 4:0.