1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Реал на колена, Бајерн во финале

Германскиот тим го оствари големиот сон- пласман во финалето на домашен терен. Реал елиминиран по подоброто изведување пенали. Ривал во финалето е англискиот Челзи

Фудбалерите на Бајерн Минхен се пласираа во финалето на Лигата на шампионите, откако во полуфиналниот двомеч го елиминираа деветкратниот шампион на Европа, Реал Мадрид.

Реваншот во Мадрид, дури по изведувањето на пенали го одреди противникот на Челзи, откако по 120 минути игра дуелот заврши со 2:1 за Реал, идентичен резултат со кој Бајерн победи на првиот меч во Минхен.

Кристијано Роналдо постигна два гола за само 14 минути, првиот од пенал, вториот по асистенција на Езил. Голот за Бајерн беше дело на Робен од пенал во 27. минута.

Bayern Munich's goalkeeper Manuel Neuer saves a penalty shot from Real Madrid's Cristiano Ronaldo during their Champions League semi-final second leg soccer match against Real Madrid at Santiago Bernabeu stadium in Madrid, April 25, 2012. REUTERS/Susana Vera (SPAIN - Tags: SPORT SOCCER)

Мануел Нојер

Во пенал серијата главни звезди беа голаманите на двата тима, а трагичари најскапите играчи на Реал. Голманот на Бајерн, Мануел Нојер, во првите две серии ги одбрани ударите на Роналдо и Кака, а во исто време за Бајерн прецизни беа Алава и Гомез. Касиљас го одбрани ударот на Крос, а Чаби Алонсо погоди за Реал во третата серија. Капитенот на Реал го одбрани шутот на Лам во четвртата серија, а Серхио Рамос шутираше високо над голот. Во последната серија Швајнштајгер мирно го реализираше пеналот и го одведе својот тим во финалето.

Мурињо: тоа е фудбалот

Тренерот на Реал, Жозе Мурињо со евентуален триумф имаше можност да стане првиот стратег кој ја освоил Лигата на Шампионите со три различни тима. По мечот тој не го криеше разочарувањето.
„Загубивме, тажни сме, а тие слават, но тоа е фудбалот. Фудбалот е таков и кој не го разбира тоа, не треба да биде ни дел од него“, изјави Мурињо.

На спротивната страна, Јуп Хајнкес, кој во 1998 година му се радуваше на трофејот токму со тимот на Реал Мадрид, беше презадоволен.
„Беше неверојатен меч и извонредна пенал серија. Првите 15 минути ги одигравме лошо, примивме два гола, но мислам дека потоа доминиравме. Мислам дека ја заслуживме победата“, рече Хајнкес.

Завршниот меч по кој ќе биде познат тимот кој ќе ја наследи Барселона на тронот, ќе се одигра на „Алијанц Арена“ во Минхен на 19. мај. Бајерн ќе биде првиот тим во историјата на Лигата на шампиони, а само четвртиот, сметајќи го и Купот на шампионите, кој финалето ќе го игра на домашен терен.

Во вторникот, Челзи го елиминираше се уште актуелниот европски првак Барселона.