1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Реализација на Рамковниот договор до крај

Интервју со Абдулаќим Адеми, вицепремиер во македонската влада за примена на Рамковниот договор

default

Новата македонска влада

Господине Адеми, со што ќе ја почнете вашата агенда како нов вицепремиер во Владата на РМ, задолжен за примена на Рамковниот договор?

Адеми: „Прво, ние сакаме да направиме една експертиза на веќе усвоените закони, колку се применуваа тие во праксата. Значи, колку тие закони стасале до граѓаните, или дали ја постигнале целта, заради која се усвоени. Потоа, сакаме да направиме еден пресек колкава е правичната застапеност на сите етнички заедници во сите институции на државата. Исто така, сакаме да го анализираме добро процесот на децентрализацијата и дали и колку овие три сфери, како и неколку други, што се содржани во Рамковниот договор, се имплементирани во праксата, колку тие реално стигнале до граѓаните.“

Што по агендата?

Адеми: „Како опозиција ние веќе имавме констатирано дека некои закони не се имплементираат во неколку општини: на пример, законот за патоказите, или некои други закони. Ние сакаме како влада да им помагаме на општините, кои се оправдуваа дека немаат буџетски средства да ја имплементираат двојазичноста, или делот кој се однесува на употребата на јазиците во тие општини. Затоа, начелно со премиерот Груевски се договоривме на тие општини да им помогнеме или со дирекнти дотации, или со други средства.“

На кои општини мислите?

Адеми: „Еве, да тргнеме, на пример, од општина Јегуновце, Долнени, Чашка, Крушево и т.н. Во тие општини седниците на Советот се уште не се преведуваат целосно, материјалите не се преведуваат. Ние ги сфаќаме дека немаат средства, но, сакаме да им го одземеме тој аргумент, да немаат повеќе аргументи, или оправдувања дека немаат буџетски средства да го имплементираат тој дел на Рамковниот договор, или тие права, кои им припаѓаат на етничките заедници, кои се повеќе од 20 отсто во тие општини.“

Дали ова што го кажувате значи практичен старт на примената на штотуку донесениот Закон за употреба на јазиците?

Адеми: „И Законот за употреба на јазиците е во тој дел. Сигурно, ќе имаме тешкотија да се примени. Јас ги имам предвид одредбите на овој зако што се однесува на употребата на албанскиот јазик во собранието, на пример, каде што треба сите материјали да се преведуваат и на албански. Имајќи предвид и колку материјали се доставуваат од владата, како и другите материјали кои треба да се преведуваат на албански. Мислам дека собранието моментно нема капацитети да го реализира веднаш. Затоа и со претседателот на собранието разговаравме начелно за овој проблем што ќе ни се појавува и се согласивме дека треба да се вработуваат нови преведувачи. И, не само да се вработуваат, туку и да се обучуваат за таа цел.“

Имате ли пресметано колку пари ќе биат потребни за оживотворување на овој закон?

Адеми: „Демократијата е скапа работа. Треба да сфатиме дека општините, или институциите кои употребуваат повеќе јазици во нивната работа имаат и повеќе трошоци. Меѓутоа, тоа се наследени права, или права кои им припаѓаат на етничките заедници и ние не треба да се симнеме на тоа рамниште да имаме оправдување дека ќе имаме повеќе финансиски средства кои ќе се потрошат од буџетот. Тоа се права кои треба да се применат.“

ДПА ви остави багаж од ветувања за вработување 5 илјади Албанци во администрацијата како резултат на договорот со ВМРО ДПМНЕ. Дали ќе го реализирате како партија тој договор, или можеби, имате и вие за вработување ваши членови?

Адеми: „Јас не верувам, и тогаш не верував во таа, сега да ја наречам, пропаганда, бидејќи таа пропаганда за вработување Албанци беше во предизборната кампања, значи пред да почнат изборите. Нема многу вработувања од тој последен договор: можеби се 100 – 150 Албанци кои се вработени. Затоа велам дека тоа беше само една пропаганда.“

Значи ли дека, сепак, нема да го прифатите дилот на Мендух Тачи со Никола Груевски?

Адеми: „Ние имаме стратегија. Уште денеска барав информации од сите институции колкава е застапеноста на сите етнички заедници. Многу бргу ќе направиме стратегија за нови вработувања. Правичната и адекватна застапеност не оди со договори, туку е обврска, уставно начело и тука не се потребни многу договори, треба само работа за да се имплементира.“

Каква е вашата визија за правичната застапеност на етничките заедници, изразено во бројки?

Адеми: „Рековме дека за четири години ќе ја заокружиме правичната и адекватна застапеност на сите етнички заедници и мислам дека ќе успееме во тоа.“

Колку пари има на располагање во оваа 2008-ма година Секретаријатот за примена на Охридскиот договор?

Адеми: „Секретаријатот има свој буџет. Има буџет и за правичната и адекватна застапеност. Има околу 120 милиони денари до крајот на оваа година. Ќе видиме: ако не е доволно, ќе има пак ребаланс, или ќе предвидиме нови буџетски средства.

Колку може Македонија да создава своја оптимална и квалитетна државна и јавна администрација, ако има постојано превработеност во неа, ако се примаат нови луѓе со договори на дело со ветувања давани во кампањите, заради политички профитирања?

Адеми: „Токму така. Мислам дека Македонија сега – засега се соочува со еден голем проблем и предизвик. Од една страна, имаме притисок за реформа во администрацијата, значи треба да се намали бројот на вработените, треба да има отпуштања. Од друга страна, имаме притисок да се имплементира Рамковниот договор, кој предвидува нови вработувања за етничките заедници. Тука мислам дека сите влади досега имаа проблеми, а и ние ќе имаме проблеми, ќе се соочиме со истиот предизвик. Правичната и адекватна застапеност е уставно начело и обврска за Република Македонија.“

Дали ДУИ и Али Ахмети влегоа во владеачката коалиција со спогодба со конкретни рокови, кога станува збор за Рамковниот договор?

Адеми: „Ние имаме договор за коалицирање, во кој е јасно предвидено да се имплементира до крај Рамковниот договор. Впрочем, тоа е еден од главните приоритети на владата и на нејзината програма. Од законите кои директно произлегуваат од Рамковниот договор ние веќе го усвоивме Законот за употреба на јазиците. Затоа рековме дека ќе направиме експертиза за досега усвоените закони: колку се применуваат и дали има потреба за нивно дополнување или измена. Друг проблем е, исто така, проблемот на сите засегнати во конфликтот во 2001 година. Имаме начелен договор и за тоа: ова прашање да се реши во рамки на актуелните закони и токму затоа Министерството за труд и социјална политика ќе го води овој проект. Мислам дека ќе го имплементираме коректно.“

Американскиот аналитичар Јануш Бугајски, додуша, ангажиран во изминатата кампања од ДПА, сега прогнозира дека ДУИ, наводно, ќе ги напушти владата и коалицијата само по неколку месеци. Дали сепак ДУИ би можела да се реши на таков поег, ако биде незадоволна од динамиката на имплементацијата на Рамковниот договор?

Адеми: „Мислам дека не треба да се повлекува паралела меѓу владата во која беше влучена ДПА и новата влада, бидејќи ние имаме јасен договор што треба да имплементираме, што треба да правиме. Тоа не е само за Рамковниот договор. Се разбира, има и други проекти. За разлика од ДПА, ние имаме договор. Тие немаа договор и затоа секои три месеци даваа оставки, се закануваа дека ќе се повлечат од владата и слично. Стартот со усвоениот закон за јазиците покажува дека оваа коалиција ќе функционира и оти ќе се реализира договорот што е постигнат меѓу ДУИ и ВМРО ДПМНЕ.“

Дали можам да заклучам, господине Адеми: ДУИ во овој парламентарен мандат ќе ги затвори конечно, сите се уште отворени поглавја од Рамковниот договор?

Адеми: „Ако не успееме да ги затвориме, мислам дека ќе успееме да ги отвориме квалитативно и да најдеме решенија, кои натаму квалитативно ќе бидат основа за решавање на сите проблеми.“