1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Реализацијата на преземените обврски е и подготовка за интеграција во ЕУ

Средба на премиери од Балканот во Салцбург

Домаќинот на собирот, австрискиот канцелар Шисел со сопругата

Домаќинот на собирот, австрискиот канцелар Шисел со сопругата

Некомплетниот премиерски состав на земјите од Балканот, денеска, на петгодишнината од востановувањето на Пактот за стабилност на Југоисточна Европа, се состана во австрискиот град Салцбург на средба насловена како “Стабилноста на земјите од југоисточна Европа во 21-от век и нивно приближување кон ЕУ”. Станува збор за веќе трет ваков собир организиран од австриската влада под покровителство на канцеларот Волфганг Шисел.

На средбата е расправано за економски и политички прашања и за стабилноста на Балканот. Констатиран е напредок во сите земји и на сите полиња. Најтешкиот период е зад нас, сите земји сега можат да се посветат на своето демократско и економско заздравување и со тоа на приближувањето кон ЕУ, оценија учесниците на средбата. Разговарано е за создавање заеднички енергетски пазар, за отстранување на пречките за инвестирање и за унапредување на секторот на мали и средни претпријатија и оценето е дека треба да се вложат напори за подобрување на инфраструктурата во регионот.

Специјалниот координатор на Пактот за стабилност на југоисточна Европа Ерхард Бусек, како што се вели во неговото соопштение, побарал од лидерите од регионот да ги имплементираат сите порано преземени обврски во однос на либерализацијата на трговијата и заедничкиот енергетски пазар. “Кооперацијата на тие две клучни полиња ќе биде јака движечка сила и полезна подготовка за политичка и економска интеграција во ЕУ”, вели Бусек.

Гости на австрискиот канцелар Шисел и на специјалниот координатор на Пактот Ерхард Бусек во Салцбург беа, покрај македонскиот, и премиерите на Албанија, Бугарија, Романија и републичкиот премиер на Црна Гора, додека учеството го откажаа шефовите на владите на Хрватска, државната заедница Србија и Црна Гора, како и на Босна и Херцеговина.