1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Реакции по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација

ЕК не ја менува позитивната препорака за преговори со Македонија, изјави по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација комесарот Штефан Филе. Какви се оценките од Скопје по последните изјави од Брисел?

default

Европската комисија не ја менува позитивната препорака за преговори со Македонија. Оваа изјава на комесарот за проширување Штефан Филе во Брисел, пренесена од агенциите во Македонија, за Слободан Чашуле е клучната резултанта од последниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација. „Без оглед на тоа, кој какви аспирации, врз основа на нашата желба да станеме членка на ЕУ, има во однос на власта, не постои механизам со кој може да биде повлечена, оспорена или поништена нашата кандидатура.“

Slobodan Casule Aussenminister Mazedonien 2001 bis 2002

Слободан Чашуле

Слободан Чашуле, поранешен министер за надворешни работи и аналитичар го критикува последното собраниско апстинирање на опозицијата, непосредно пред донесувањето на изменетиот Деловник според нејзините барања. „Дека опозицијата со своето однесување во Парламентот го направи она што не смееше да го направи и покажа дека сме се’ уште незрела демократија. Не постои една држава во Унијата, која имала нагорна линија без осцилации кон стандардите на ЕУ.“

Шеќеринска: Регулативите треба да се реализираат во пракса

За разлика од Чашуле, претседателката на Советот за евроинтеграции Радмила Шеќеринска за ДВ оценува: „Советот за стабилизација и асоцијација ни ги соопшти пораките кои и досега стопати сме ги чуле. Она што е интересно е што после некоја година повторно на голема врата се враќа барањето за борба против корупцијата и се

Radmila Sekerinska von der SDSM Partei in Mazedonien

Радмила Шеќеринска

инсистира тоа да биде непартиско.“ Шеќеринска (СДСМ) и забележува на владата за политиката на препишување на европското законодавство, без притоа таквата регулатива да се реализира во пракса: „Законите на некој начин брзо се препишуваат, меѓутоа подзаконските акти, на кои Европската комисија уште повеќе инсистира, речиси и да се заборавени. За првата половина од годината, дури ни 25 проценти од подзаконските акти, предвидени за 2010, не се усвоени.“

За универзитетскиот професор Бајрам Положани, реформите во судството се’ уште се во фаза на интензивни, формални решенија и затоа се добива впечаток на многу закони, малку правда, правичност и заштита на правата. Тој укажува на пребукирана и неефикасна јавна администрација. „Имаме јавна администрација за земја со околу осум до девет милиони жители. Јавната администрација треба да се сведе на 60 до 70 илјади сега имаме од 90 до 120 илјади вработени во јавната администрација.“

Професорот Положани забележува дека приемот на етничките Албанци во државниот сектор владејачката ВМРО-ДПМНЕ го користи за масовно вработување на своите партиски ешалони. „Процентот на застапеност на заедниците, наместо да се зголемува во јавната администрација, се намалува, значи се примаат уште повеќе од македонската заедница и тој расчекор се зголемува,“ вели за Дојче веле Бајрам Положани, универзитетски професор од тетовскиот кампус, коментирајќи дел од резултатите од последната средба на Советот за стабилизација и асоцијација во Брисел.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM