1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Реакции на средбата на Џорџ Буш со Далај Лама

Кинеското раководство реагира со голема возбуда на приемот на Тибетанскиот духовен и политички лидер Далај Лама од страна на американскиот Претседател Џорџ Буш.

default

На секаде наидува на срдечен прием: Далаи Лама во Њујорк

Портпарол на Министерството за надворешни работи во Пекинг изјави дека ваквиот потег го смета за огромно мешање на Американците во внатрешните работи на неговата земја. А државниот весник “Чајна дејли“ дури предупреди од влошување на билатералните односи. Ана Енгелке испрати извештај за средбата во Вашингтон и за реакциите.

Дека Кинезите драматично ќе реагираат на средбата во четири очи меѓу американскиот Претседател Џорџ Буш и Тибетанскиот водач Далаи Лама – во тоа никој не се сомневаше. Иако таа беше од напред најавена како приватна и од неа немаше никакви фотографии, ниту пак изјави и декларации. Со таквиот третман на средбата американската администрација очигледно сакаше да го поштеди кинеското раководство од дополнителни провокации:

“Не сакаме во никој случај да ставаме сол врз раната на Кинезите“ - порача портпаролот на американскиот Претседател Дана Перино.

Кинезите се сепак навредени, бидејќи средбата меѓу Џорџ Буш и Далаи Лама се одржа во Белата куќа. А згора на тоа Претседателот Буш денеска ќе присуствува и на церемонијата на доделувањето на највисокото одликување на американскиот Конгрес на Далаи Лама. Дана Перино има коментар и за тоа:

“Претседателот знае дека тоа може да се гледа на различни начини. Но, како Претседател на САД и како некој, кој секогаш присуствувал на доделувањето на одликувањето на Когресот – Претседателот Буш и овој пат ќе биде таму!“

Официјален Пекинг во Далаи Лама гледа борец за отцепување на Тибет од Кина. Затоа им се лути на сите кои му укажуваат почести, вклучувајќи ја и канцеларката Ангела Меркел, која исто така неодамна го прими лидерот на Тибетанците во својот кабинет во Берлин. Кинеското раководство дури повеќе и‘ се лути на германската канцеларка отколку на американскиот претесдател, бидејќи таа не ги ни предупреди Кинезите. Буш барем ги информираше од напред за намерата да се сретне со Далаи Лама.

Сепак, експертот за кинески прилики Ченг Ли од реномираниот американски Брукингс институт, не очекува трајно пореметување на кинеско-американските односи. Иако Пекинг особено се лути и за незгодниот тајминг на посетата на Далаи Лама на Вашингтон:

“Во исто време се одржува Конгресот на КП на Кина. Пекинг смета дека странските медиуми треба во овој период да известуваат за напредокот на Кина, а не за посетата на Далаи Лама.“

И Ричард Буш, колега на Ченг Ли и исто така експерт за Кина, смета дека официјален Пекинг покрај бурните реакции нема намера трајно да ги поремети односите ниту со САД, ниту со Германија. Тоа едноставно не го дозволуваат виталните економски интереси на “големото царство“ од Далечниот исток.