1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Реакции за војната во Либан

Додека во Либан продолжуваат воените дејства, дипломатијата се обидува да издејствува примирје, но и во тоа се гледаат разлики во ставовите:

Се поголеми барањата за запирање на непријателствата

Се поголеми барањата за запирање на непријателствата

Според мислењето на германската влада, Европската унија се наоѓа пред решавачка одговорност за решавањето на блискоисточниот конфликт. „Европа мора, сака и ќе игра клучна улога„, изјави денеска во Берлин портпаролот на германскот министерство за надворешни работи Мартин Јегер. Претходно е неоходно одржливо примирје. Едноставно враќање на состојбите пред избувнувањето на непријателствата веќе не е можно.

Инаку и три недели од почетокот на израелската офанзива, крај на конфликтот не е на повидок. Според изјавата на израелскиот вице - премиер Шимон Перез, офанзивата би можела да потрае со недели:

„Кога ќе запре, ќе биде запрена. Меѓутоа, армијата сака меѓународни сили што ќе го контролираат јужниот дел на Либан. Да бидат ослободени заробените војници, а Хезболах веќе да не биде армија во армијата. Според мене, тоа не е далеку, можете да сметате на недели, а не на месеци„.

Американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс подвлече дека примирје може да биде постигнато за неколку дена:

„Ако продолжиме со нашите активности тоа би било можно во текот на оваа недела. Секако, зборуваме за денови, а не за недели пред да бидеме во можност да постигнеме примирје. Време е да престане насилството„.

Според британскиот премиер Тони Блер, пак, по завршувањето на сегашната војна, на Блискиот исток е потребна нова стратегија во битката против екстремизмот:

„Ќе продолжиме да преземаме се што е можно да запрат непријателствата. Но, кога тоа ќе се случи, ќе мораме да размислиме за сосема нова стратегија за да ги совладаме оние што ни се закануваат. Потребна ни е алијанса на умереност за да обезбедиме поинаква иднина во која Муслиманите, Евреите и Христијаните, ќе можат да живеат во прогрес и мир„.

Германскиот екс-министер за надворешни работи Јошка Фишер кој деновиве гостува во Иран, за улогата на оваа земја во блискоисточниот конфликт вели:

„Иран воопшто не крие дека одржува тесни односи со Хезболах и дека има голем интерес во тој регион. До толку е поважно да не се прекине дијалогот. Мислам дека Иран во секој поглед може да игра улога, и затоа е важно во оваа трагедија да се одржат контактите со таков играч„.