1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Рајс се повлече од трката за државен секретар на САД

Американската амбасадорка во ОН Сузан Рајс ја повлече кандидатурата за министер за надворешни работи на САД. Претседателот Барак Обама ја прифати одлуката.

Сузан Рајс, амбасадорот на САД во Обединетите нации, најави дека нема да се кандидира за државен секретар. Претседателот Барак Обама изјави дека ја прифаќа одулуката на Рајс да не се кандидира за наследник на државниот секретар Хилари Клинтон. Тој ја истакна Рајс како „особено способна, патриотска службеничка“ и истовремено изрази жалење поради „неправедните и погрешни напади врз Сузан Рајс изминатите недели“. Обама со ова се осврна на обвинувањата од страна на републиканците дека Рајс, по нападите врз американскиот конзулат во Бенгази на 11. септември свесно се обидела да ја премолчи терористичката позадина на нападот пред американските граѓани.

Рајс се соочуваше со блокада во американскиот Сенат, каде републиканските сенатори бараа од неа да даде објаснување за серија изјави кои ги даде по терористичкиот напад врз американскиот конзулат во Бенгази, на 11 септември, во кој беше убиен амбасадорот Кристофер Стивенс. Рајс изјави дека нападот бил поттикнат од револтот на Либијците поради навредлив филм за муслиманската вера објавен на интернет, но подоцна американската дипломатија потврди дека се работело за планиран напад на добро вооружена голема група.

US - Senator John Kerry

Сенаторот Џон Кери е најсериозниот кандидат за нов американски државен секретар

По нејзиното повлекување од трката, најсериозен кандидат за државен секретар е сенаторот од Масачусетс Џон Кери.

На местото секретар за одбрана, пак, се очекува да седне поранешниот републикански сенатор од Небраска Чак Хејгл. Овој сенатор беше поддржувач на војната во Ирак, кој во 2007 година потоа ги стекна симпатиите на демократите со критиките на претседателот Џорџ Буш, и оттогаш фигурира како можен демократски секретар за одбрана, и се очекува шансата да ја добие наскоро, со најавеното заминување на секретарот Леон Панета.

За Македонија е важно што Хејгл е претседавач на Атланскиот совет на САД, организација која е посветена на проширувањето на НАТО во Европа.