1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Рајс не извршила притисок врз Бакојани

Американската и грчката министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс и Дора Бакојани во Берлин разговараа за грчко македонскиот спор со името. Според грчки извори, разговорот бил само од информативен карактер.

default

Кондолиза Рајс

Шефиците на грчката и американската дипломатија Дора Бакојани и Кондолиза Рајс на средбата во Берлин само се информирале за позициите околу грчко македонскиот спор со името.

„Имавме отворен разговор што продолжи таму каде што застанавме пред два месеца. Грчко-американските односи се како што знаете добри, тие почиваат на цврст фундамент. Контактите ќе продолжат“ – порача грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани по средбата во Берлин.

Не притисок, туку подобрување на односите

Извор во грчкото Министерство за надворешни работи соопшти дека Кондолиза Рајс побарала средба со Бакојани за да ја подобри климата во грчко-американските односи. Таа беше влошена на самитот на НАТО во Букурешт каде Американците инсистираа Македонија да биде примена во Алијансата и покрај нерешениот спор околу името. Спроти средбата се појавија шпекулации дека Вашингтон ќе побара од Атина итно изнаоѓање на решение до јули за Македонија да може да го фати возот со Хрватска и Албанија кои добија покани за членство. Но, според изворот во грчкото Министерство за надворешни, Кондолиза Рајс не поставила такво барање.

Нимиц доаѓа со нов предлог

Грчката министерка Дора Бакојани за содржината на разговорот уште додаде:

„Разговорот имаше информативен карактер. Така ја информирав госпоѓата Рајс дека посредникот Метју Нимиц в четврток ќе дојде во Атина за да продолжат преговорите околу името.“

Според информации од грчката страна, Метју Нимиц кој по Атина в петок ќе го посети Скопје, наводно носи нов предлог во дипломатскиот багаж. Тоа е „Република Северна Македонија“ што би било прифатливо за грчката страна. Таа меѓутоа се сомнева дека предлогот ќе биде прифатен од македонската.