1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Рајс гледа напредок во мировниот процес за Блискиот исток

Мировниот процес на Блискиот исток се движи во исправна насока, смета американскиот министер за надворешни работи Кондолиза Рајс. Таа вчера ја заврши втората посета на земјите од регионот во рок од само еден месец.

default

Кондолиза Рајс со Махмуд Абас на прес конференција во Аман

Шефицата на Стејт департментот го повика Израел да го запре натамошното градење еврејски населби на палестинските автономни подрачја и побара видливи подобрувања на животните услови за Палестинците на Западниот брег на реката Јордан. Кондолиза Рајс по разговорите со израелскиот премиер Ехуд Олмерт вчера во Ерусалим и со јорданскиот крал Абдула и претседателот на Палестинците Махмуд Абас претходно во Аман, порача дека градењето нови населби не е во склад со скицата за постигнување мир во регионот, т.н. „роуд меп“. Овој документ што го изработија Американците пред пет години, а го прифатија и другите меѓународни фактори, служи како основа за продолжување на мировниот процес.

Позитивна атмосфера

Вкупната атмосфера во мировните преговори меѓу Израелците и Палестинците Рајс ја оцени како позитивна и посочи дека забележува напредок.„Овде постои заедничка одговорност за атмосферата и реалноста што може да води кон создавање палестинска држава, заснована врз безбедност за Израелците и Палестинците, како и можност за економски развој на Палестинците.“

Конкретни барања до официјален Ерусалим

Рајс побара од израелската влада да ги намали ограничувањата за движење на Палестинците на Западниот брег. Таа најави дека во иднина официјален Вашингтон потемелно ќе проверува дали израелската влада се придржува до ветувањата што ги дава.

Ресорната колешка на Рајс од израелска страна, Ципи Ливни нагласи дека на тоа поле мора да се најде компромис што нема да ја загрозува безбедноста на граѓаните на Израел.„Мислам дека и Израелците и Палестинците сфаќаат оти економијата на Палестинците е во наш интерес, исто како што и безбедноста на Израелците е во интерес на Палестинците. Врз таа подлога се надевам дека ќе најдеме компромисно решение што ќе им даде на луѓето надеж и доверба во преговорите.“

Сепак нови еврејски населби

Наспроти ваквите уверувања и ветувања општинската власт на Ерусалим вчера најави дека ќе се градат натамошни 600 стамбени објекти во еврејската населба Писгат Зеев на Западниот брег. А премиерот Ехуд Олмерт ги отфрли критиките на израелските невладини организации дека тој и неговата влада ги прошируваат еврејските населби со невидено темпо. Тој порача дека Израел и понатаму ќе ги проширува населбите околу источнот дел на Ерусалим, кој е населен претежно со палестинско население и кого палестинската автономна власт го смета за иден главен град на независната палестинска држава.