1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Рајс во нова дипломатска мисија на Блискиот Исток, борбите продолжуваат

Меѓународната заедница се погласно зборува дека мора да дојде до итен прекин на огнот, но Израел не попушта. Тој го одби и барањето на ОН за 72 часовен мир за да достават помош.

Ќе и успее ли вториот обид?

Ќе и успее ли вториот обид?

Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс повторно патува на Блискиот Исток. Во втората посета за една недела не се знае дали овојпат ќе успеат нејзините дипломатски напори за решавање на кризата која навлезе во 18 ден. Рајс повторно ќе разговара со израелскиот премиер Олмерт и со либанскиот Синиора. Пред да замина на пат таа изјави дека очекува оти преговорите ќе бидат тешки, и дека двете страни ќе мора и да дадат по нешто за да добијат друго. Таа овој пат доаѓа со конкретни предлози за двете страни, и со план за распоредување на меѓународни сили во кризното подрачје. На вчерашната средба во Вашингтон согласност за потребата од меѓународни сили постигнаа и американскиот претседател Буш и британскиот премиер Блер. И генералниот секретар на ОН, Кофи Анан пред понеделничката средба на која ќе се разговара за начинот на кој ќе бидат распоредени трупите и нивниот мандат изјави дека мора да се направат конкретни чекори:

„Мислам дека дојде времето за конкретна акција и преземање на конкретни чекори со кои ќе им се помогне на обичните граѓани кои се приклештени во конфликтит. Мора да направиме повеќе од изјави и давање проценки“, остро реагираше Анан. Во меѓувреме на теренот продолжуваат борбите. Во налетот на бомби најмногу страда цивилното население, а регионот е пред хуманитарна катастрофа. Координаторот за помош на ОН Егеланд побара:

„Повторно барам од двете страни 72 часовен прекин на огнот за да може да ги евакуираме ранетите, децата и постарите, кои не можат да побегнат од Јужен Либан, како и да доставиме храна и лекови“.

Во меѓувреме Израел го одби барањето. Тие најавуваат интензивирање на нападите откако Хезболах вчера за првпат гаѓаше со ракети со голем дострел, при што беше погоден изралескиот град Афула кој се наоѓа на 50 километри од границата. Дека се работи за нов тип на ракета потвдри и шефот на израелската полиција Дов Луцки:

„Можам само да кажам дека се работи за сосема нова ракета. Не сме ја виделе до сега. Има многу поголем калибар од оние кои што сме ги виделе во регионот, не и го знам името, но може да се види дека има поголем дострел и дека собира повеќе експлозив внатре.