1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Рајс во мировна мисија на Блиски исток

Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс е на Блискиот исток - по втор пат за 1 месец. Таа разговараше со израелскиот премиер Ехуд Олмерт, кој веднаш потоа се состанаа со претседателот на Палестинците Махмуд Абас.

default

Кондолиза Рајс и Саеб Ерекат

На израелско-палестинските разговори e постигнат значителен напредок по прашањето за протегање на граничната линија, јавија пред малку светските агенции. На средбата, покрај Олмерт и Абас, учествуваа и преговарачките тимови на обете страни. Тема беа пред 4 месеци започнатите мировни преговори што треба да водат кон формирање палестинска држава и тоа според американска желба до крајот на годинава, односно до истекот на мандатот на апретседателот Џорџ Буш. Реализацијата на планот Буш е остварлива до крајот на годинава, оптимистички оцени Кондолиза Рајс по вчерашните разговори со Абас во Рамалах.

Рајс и Ливни со спротивни оценки за населбите на окупираните територии

Еврејските населби на окупираните палестински територии Рајс ги означи како „посебно проблематични за неопходната атмосфера на доверба“. Нејзината израелска колешка по функција Ципи Ливни вели дека нема таен план со населбите да се обезбедат територии во случај на повлекување. Повлекувањето од Газа во 2005-та покажа дека еврејските населби не се пречка, ако владата реши дека се стреми кон повисока цел - мирот или политичко решение со Палестинците.

Рајс побара од Израел да ги ублажи ограничувањата за движење на Палестинците, што и’ беше ветено од владата на Ехуд Олмерт за време на нејзината претходна посета во март. Кондолиза Рајс необично отворено рече дека Израел може многу да направи за подобрување на секојдневниот живот на Палестинците во Западен Јордан. Според израелското радио, Израел ќе отстрани една патна блокада јужно од Хеброн по Денот на независноста на 8-ми мај. Тоа би била трета од минатиот месец наваму. Инаку, Израел има поставено вкупно повеќе од 500 такви блокади.

Абас: напредок во преговорите, текст на можен договор уште нема

Махмуд Абас, пак, вчера нагласи дека по четиримесечни преговори досега не е ставен на хартија ни еден единствен збор за договорот што треба да биде постигнат до истекот на годинава. Но, тој истакна и дека кај шесте главни проблеми е постигната согласност и до 90 насто.

Претседателот Буш по две недели ќе дојде во тридевна посета на Израел на свеченостите по повод 60-годишнината од основањето на израелската држава.

Израелскиот премиер Ехуд Олмерт е под голем внатрешно-политички притисок поради најновата истражна постапка против него. Правосудството не информира за што точно станува збор, а тамошните медиуми известуваат дека Олмерт наводно повеќе години примал поткуп во време додека беше градоначалник на Ерусалим.