1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Рајнкултур“ може да почне!

Отворен простор, гласна музика, настапи на бендови, многу млади луѓе, забава, се‘ ова асоцира на големиот музички фестивал „Рајнкултур“. Годинава на овој хепенинг се очекуваат околу 150 илјади посетители.

default

Музичкиот фестивал Рајнкултур

Бон и оваа година е домаќин на еден од најголемите фестивали под отворено небо во Германија. Паркот „Рајнауе“ во поранешниот главен град на Германија, денеска е центар на музичките збиднувања во земјата.

Недалеку од Рајна, на пространите зелени површини, наместени се неколку бини, на кои ќе настапат скоро 50 изведувачи. Сината, црвената и зелената бина, миксери ро де лукс стејџ, ридот за танцување „Танцберг“ и спортската област се главните пунктови кои ќе треба да ги привлечат младите луѓе. На секоја бина настапуваат различни музичари, помалку или повеќе познати бендови, групирани според стилот на музиката кој го претпочитаат.

Сепак, водечкиот звук што ќе доаѓа во саботните попладневни часови од најголемиот парк во Бон, ќе биде алтернативен, рок, техно или хип хоп.

Бина за сечиј вкус

Концептот на кој работи „Рајнкултур“ е следниот: фестивалот нуди високо квалитетна, разновидна програма, без да се базира на многу познати настапувачи. Тој е одлична можност за настап на новоформирани гаражни бендови, кои добиваат уникатна шанса да настапат пред стотина илјади фанови. Така на петте сцени ќе може да се проследат ди-џеј сетови, жестоки рок настапи, енергичен хип-хоп.

Impressionen vom Musikfestival Rheinkultur 2006

Сината бина е резервирана за популарна музика што опфаќа поп, рок, саутерн, хип-хоп, реге и инди и гарантира забава за сечиј вкус. Меѓу некои од имињата кои ќе застанат на сината сцена се берлинците „Калча Кандела“, бенд чиј звук претставува мешавина од хип-хоп, реге и латино елементи, како и познатиот бенд од Хамбург - „Зелиг“. Енергичните „Д Бронкс“ и екстравагантните момци од бендот „Ши ис ол дет“, кои настапуваат со гумени маски, ќе ја забавуваат публиката кај црвената бина, на која ќе настапат четири бенда од САД и пет домашни.

Рок-ен-рол квинтетот „Бопин Би“ има резервирано место на зелената бина, а на миксери ро де лукс стејџ, која 100 проценти ќе биде посветена на хип-хоп, ќе настапат едни од најпопуларните германски рапери Оли Банџо и Џонсман. Електронската музика ќе доаѓа од „Танцберг“, каде што меѓу останатите, ќе бидат ди-џејот Тобокс, кој во своите сетови комбинира различни стилови, како електро, техно, прогресив хаус, Електродрај, кои ќе имаат ди-џеј лајф акт на „Рајнкултур“ 2009, како и познатите Д-р Моте – основачот на Love Parade и Оливер Молдан, еден од водечките ди-џеи на техно-хаус сцената. „Танцберг“ својата премиера ја имаше минатата година, а за годинашниот „Рајнкултур“ повторно ветува незаборавно 12 часовно танцување на ритчето во паркот Рајнауе.

O пен-ер фестивал и во Македонија?


„Рајнкултур“ е фестивал кој посветува особено значење на заштитата на животната околина, па така организаторите интензивно апелираат на внимателно фрлање на

отпадоците, контрола на бучавата, па дури и спречување на мешаница во сообраќајот. Одењето пеш се препорачува како најдобро решение, а на интернет страната стојат и неколку совети како да се зголеми безбедноста. Како фестивал за кој не се плаќа влезница, тој во голем дел се финансира од продажбата на јадења и пијалаци во самиот парк, и секаков обид за внесување алкохол или безалкохолни пијалаци ќе биде спречен на влезните врати, пренесуваат организаторите.

„Рајнкултур“ е само еден од многуте опен-ер фестивали, кои очигледно го привлекуваат вниманието на помладата публика, достигнувајќи рекордна посетеност од повеќе од 200 илјади луѓе, по повод 25-годишниот јубилеј во 2007 година. Она што е „Рајнкултур“ за младите луѓе во Северна Рајна Вестфалија, тоа е фестивалот „Егзит“ за Србија и околината. На само шест дена пред одржувањето на овој голем фестивал во соседна Србија, на кој впрочем како и досега ќе присуствуваат голем број млади луѓе од Македонија, се поставува прашањето кога младите од Македонија ќе имаат можност да бидат дел од музички хепенинг од овој формат, кој ќе се одржи во сопствената земја?

Автор: Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска