1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Раѓање на генерацијата Гези

Протестите во Турција повеќе недели се во средиштето на вниманието на светската јавност. По нивното спонтано избувнување пред четири недели во меѓувреме се формира движење кое сака долгорочно да ја промени земјата.

Летните одмори се во тек, но Езги Таш, студентка по микробиологија, наместо на море, се упати на политички состанок. Патот ја води покрај плоштадот Таксим, на кој изминатите недели честопати беше напаѓана со водени топови и солзавец. Некои нејзини пријатели беа претепани и завршија в болница. Сепак, 21-годишната Егзи без страв минува покрај стотиците полицајци кои се' уште стражарат на Таксим и во соседниот парк Гези. Езги не е огорчена. Таа смета дека борбата за демократија одамна преминала во наредна фаза. „Станува збор за ограничувањето на продажбата на алкохол, владината кампања против абортусот и правата на жените, воведувањето партиципација за студирање, но и за тоа - Турција да не се меша во војната во Сирија", истакнува Езги.

Независни и урбани

Времето притиска. Езги сака со пријателите да разговара како да им помогнат на колегите кои се изложени на тортура во затворите. Во интернет бараат видео-снимки како доказ, а организираа и бесплатна правна помош. На младите Турци не им значи многу идеологијата на нивните родители. Исламизмот, кемализмот или социјализмот не ги интересираат. Тие сакаат да влијаат при донесувањето решенија, но и да останат независни.

„Луѓето сфатија дека демократија не се само избори, парламент и партии, туку многу повеќе. Има и демократија од базата. Тоа би сакале да го практикуваме.", вели Езги Таш. Нејзината другарка Озде Челикбилек се надоврзува: „Ние не сме нови Турци, туку нова младина која како бран се движи низ земјата. И, сигурна сум дека на ова движење во наредниот период ќе му се приклучат уште повеќе луѓе."

Поради тоа Езги е во постојан дијалог со постарата генерација, но и со противниците и со оние кои се скептични во однос на ова демократско движење. Еден пензионер вели: „Продолжете така, но без насилство. Во турската историја сме го имале доволно".

Езги и нејзините врсници и истомисленици социолозите ги нарекуваат „генерација Гези". Таа генерација растела со Ердогановата влада и профитирала од економската либерализација на земјата.

„Тие се поурбани од генерацијата на нивните родители и се воспитувани во помалку авторитетен дух отколку генерации пред нив. Ги усогласуваат идивидуализмот и колективноста. Ја ценат индивидуалната слобода, но секогаш кога е неопходно се собираат и заеднички ги решаваат проблемите", истакнува социологот Нилуфер Нарли.

„Форуми на отпорот“

Ни Уфук Чошкун до пред неколку недели не се интересирал посебно за политика, се' додека полицијата со брутална сила не ги растури првите протести на Таксим. Уфук е инженер, растел во Германија. Своето хоби го стави во служба на движењето. Со мали далечински управувани летала со камера ги снима протестите од воздух. Едно од леталата полицијата го соборила со гумени куршуми.

„Вака може се' да се документира: Каде се одржал протестот? Што правеа демонстрантите? Тоа беше мојата идеја. Никому не сакав да му наштетам. Снимките имав намера да ги чувам во својата лична архива. Не можев ни да претпоставам дека полицијата ќе го сфати леталото толку сериозно и ќе го собори...", вели Уфук.

Уфук сега ги снима таканаречените „форуми на отпорот". Под мотото „Секој парк е Гези", илјадници истанбулчани секоја вечер се собираат во градските паркови и се забавуваат, пејат и дискутираат, на пример за прашањето дали требаат да основаат партија. И Езги е таму, но смета дека основањето партија не е добра идеја.

„Прво треба и натаму да се обидуваме да ги придобиеме религиозните делови на општеството на наша страна и да ги разбиеме меѓусебните предрасуди. А главна цел мора да ни остане соборување на владата на Ердоган.", вели Езги и потоа исчезнува во толпата. Во ова возбудливо време во Турција таа не сака ништо да пропушти.