1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Рачно правени стаклени термометри - подобри од електронските!

Во фабриката „Кројцвертхајмер“ се произведуваат илјадници различни рачно изработени термометри, таа е една од двете фирми во Германија кои тоа знаат да го прават.

Термометар од тенки стаклени цевчиња? Герхард Крула е еден од малкуте кои тоа можат да го направат. Машините овде се само помошници, многу поважна е умешноста на дувачот на стаклото за термометри.

Крула во фабриката „Кројцвертхајмер“ покрај пламенот од 500 степени Целзиусови работи веќе 50 години. Милиметарска работа, термометарот подоцна треба да биде прецизен до стотти дел од степенот.

„Тоа е прецизност, точност, се постигнува со годините искуство“, вели Крула.

На ваква прецизна работа не се осмелуваат многумина. Во цела Германија има само 6 ученици, двајца во оваа фабрика се дел од нив.

Образованието преку работа трае 3 години, а и потоа тие треба многу да вежбаат до изработката на перфектни термометри. Емре речиси е обучен, Јошуа само што започнал.

„Во меѓувреме е полесно, но на почеток беше навистина тешко“, признава Емре.

Јошуа е исто така искрен:

„Човек никогаш не може да биде сигурен во реакцијата на стаклото. Затоа е потребно долго време додека да се научи целата работа“.

И за калибрирањето е потребна сигурна рака. Штефан Бундшу првата мерна точка ја утврдува во минус 35 степени течен метанол. Електронските термометри ни денес не можат да се мерат со прецизната рачна работа:

„Зашто електронските термометри ја имаат истата точност како и стаклените, но се екстремно скапи и мора наново да се калибрираат по секое мерење, а тоа чини многу пари. Затоа се‘уште се користи стаклениот термометар“.

И покрај прецизната работа, некои стаклени термометри чинат само десет евра. Пресудно е човечкото око, иако за мерната скала сепак се користи машина. Но, најголем дел од производниот процес, како и пред 85 години, останува рачната работа. Порачки за вакви специјални термометри стигнуваат од цел свет, од хемиски претпријатија до фабрики за прехранбени продукти.

„Имаме толку различни видови термометри, што машинско производство воопшто не би било можно, зашто секој термометар во принцип е уникат“, истакнува Гинтер Амарел, раководител во фабриката „Кројцвертхајмер“.

Во фабриката се произведуваат илјадници различни термометри, таа е една од двете фирми во Германија кои тоа знаат да го прават.