1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Рација на египетските власти во странски фондации

Организациите за човекови права во Египет остро ги критикуваа рациите во бироата на странските невладини организации како начин на заплашување. Претрес имало во 17 организации, меѓу нив и германската „Конрад Аденауер“.

default

Вработените во НДИ во Каиро чекаат да заврши рацијата на полицијата

Претресот извршен од страна на египетската полиција кај 17 невладини организации за заштита на човековите права и странски институции во Каиро наиде на жестока реакција во Вашингтон и во Берлин.

Освен во американски организации, претрес е извршен и во просториите на германската фондација „Конрад Аденауер“. Фондацијата е блиска на владејачката партија Христијанско-демократска унија на која припаѓа канцеларката Ангела Меркел.

Министерството за надворешни работи на Германија поради случајот го повика денеска на разговор египетскиот амбасадор во Берлин. Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле „очекува разјаснување на случајот во најкраток можен рок и продолжување на работата на фондацијата без попречување“, изјави портпарол на Министерството во Берлин.

Американското министерство за надворешни работи изрази „длабока загриженост“ и ја повика египетската влада „да стави крај на шиканирањето на невладините организации и нивните соработници“.

Сомневања за нелегално финансирање

Синоќа пак 27 египетски организации за заштита на човековите права во заедничко соопштение, пренесува Ројтерс, го осудиле претресот на просториите на странските организации истакнувајќи дека со него владејачкиот Воен совет има за цел заплашување и клеветење на активистите за човекови права и силите на револуцијата.

Вакви постапки немаше ниту во времето на соборениот египетски диктатор Хосни Мубарак, се вели во заедничката изјава.

Полицијата при спроведувањето на акцијата запленила документи и компјутери.

Рациите се извршени во рамките на истрагата во врска со нелегално финансирање на организациите, како што јави државната агеницја Мена, повикувајќи се на египетското државно обвинителство. Освен тоа, властите тврдат дека организациите немаат дозвола за работа.

Минатиот месец египетското министерство за правда соопшти дека бројни групи за поддршка на човековите права по соборувањето на египетскиот претседател Хосни Мубарак се финансирани од странство.

Автор: ЖА/дпа/ртре/дапд

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM