1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ратификуван СТАРТ-камбек на Обама

Ратификувањето на договорот СТАРТ за нуклеарно разоружување во американскиот Сенат наиде на позитивни реакции ширум светот. Ова се толкува и како голем надворешно-политички успех на американскиот претседател Обама.

default

Дел од сенаторите на прес-конференција за договорот СТАРТ

Само еден час по одлуката на американските сенатори да го ратификуваат договорот за нуклеарно разоружување со Русија, претседателот Барак Обама свика прес-конференција, на која беше видливо неговото добро расположение:

„Пред се’ среќен сум што демократите и републиканците ги здружија силите за да го одобрат документот што го сметам за највисок безбедносен приоритет за нашата земја, новиот СТАРТ договор. Тоа е најважен договор за контрола на оружјето во изминатите две децении, што ќе ни донесе поголема сигурност и ќе го намали нашиот, како и нуклеарниот арсенал на Русија. Овој договор им овозможува и на нашите инспектори да ги посетуваат руските нуклеарни бази, така што ќе можеме да веруваме, но и да проверуваме што се случува таму.“

Обама порача дека неговата влада ќе продолжи да ги унапредува односите со Русија, што е посебно важно за спречување на терористите да дојдат до нуклеарно оружје, како и за заострување на санкциите против Иран и неговата атомска програма. Освен тоа овој договор ќе даде нова сила на лидерството на САД во настојувањето да го спречат ширењето на нуклеарното оружје и да создадат свет без такво оружје, појасни Обама.

US Senator Kerry zum Start Abkommen

Сенаторот Џон Кери се залагаше за ратификување на документот

Позитивни реакции од Москва

На веста за ратификацијата на договорот СТАРТ дојде веднаш позитивна реакција од официјална Москва. Рускиот претседател Дмитри Медведев го поздрави чекорот на американскиот Сенат и порача дека се надева оти наскоро и руската Дума ќе го ратификува договорот. Одлуката на американскиот Сенат е доказ за подобрувањето на односите меѓу САД и Русија, порача претседателот Медведев.

Позитивен одек и во НАТО и Берлин

Позитивна реакција дојде и од седиштето на НАТО во Брисел. Генералниот секретар на Алијансата Андерс фог Расмусен оцени дека станува збор за важен придонес за безбедноста во светот. Тој потсети и на одлуката од претходниот самит на НАТО за создавање систем за антиракетна одбрана во Европа, во кој ќе биде вклучена и Русија.

Tschechien USA Russland Obama und Medwedew Unterzeichnung START-Abkommen

Барак Обама и Дмитри Медведев при потпишувањето на договорот СТАРТ во април годинава

Германската канцеларка Ангела Меркел му упати честитки на претседателот Обама за големиот успех. Таа оцени дека оваа одлука претставува важен чекор во развојот на вистинско партнерство со Русија, како што тоа го предвидува новиот стратешки концепт на НАТО. Таа изрази и надеж дека ќе успедат и нови чекори во насока на разоружување.

СТАРТ договорот, што го потпишаа американскиот и рускиот претседател Барак Обама и Дмитри Медведев во Прага во април годинава, предвидува намалување на бројот атомски боеви глави од сегашните 2.200 на по 1.550 во наредните седум години. Бројот ракети носачи за атомските боеви глави треба да биде смален на по 700.

Автор: Ана Енгелке/дпа/дв/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM