1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Раст на инвестициите во Македонија и покрај кризата!?

Владиното „роуд шоу“ од недела продолжува во Турција. Британска бизнис делегација предводена од Принцот Мајкл од Кент од утре во Скопје. Странски инвеститори ја меркаат Македонија. Се најавува сериозен инвестициски бран.

default

Фабриката на Џонсонс Контрол во Бунарџик

Оптимизам за нов инвестициски циклус во Македонија. И покрај должничката криза во еврозоната и прогнозите за забавување на глобалниот раст се очекува зголемување на бројот на странски инвестиции. Владата објави дека десетина компании неофицијално соопштиле дека донеле интерни одлуки за инвестирање во земјата. Според информации на Дојче Веле станува збор за фирми главно од автомобилската индустрија со кои веќе подолг период се преговарало:

„Очекуваме за време на првата половина од годинава поголем дел од тие инвестиции да започнат со реализација. Тајмингот се должи пред се на потребата на овие компании за започнување на изградба на тие објекти во текот на 2012, со тоа што тие би биле функционални и пуштени во погон во текот на 2013 година“, вели за Дојче Веле Виктор Мизо директор на технолошко индустриските развојни зони.

„Роуд шоу“ во Турција

Gruevski in der Türkei

Премиерот Груевски предводеше голема стопанска делегација во Турција и во 2007-ма година

Позитивен импулс се очекува и од посетата на британската бизнис делегација предводена Принцот Мајкл од Кент која утре (28.01.2012)пристигнува во  посета на Македонија и владиното роуд шоу во Турција каде наредната недела владиниот економски тим предводен од премиерот Груевски ќе ги презентира потенцијалите на земјата пред тамошните бизнисмени:

„Потенцијалот на оваа посета е дека ќе има можност за средби на највисоко ниво. Се надевам дека некои од овие разговори и ќе ги конкретизираме и ќе ги задоволиме потребите на турските компании преку користење на Македонија како отскочна штица за Европа од гледна точка на логистичка близина но истовремено и од гледна точка на локација и цена на работна сила“, вели Мизо.

Воспоставување британско-македонски бизнис релации

Според првиот човек на Британската бизнис група Реј Пауер, британските бизнисмени кои утре ќе допатуваат во Скопје се заинтересирани за инвестирање во рударскиот, земјоделскиот сектор и прехранбената индустрија:

„Мислам дека главна цел е навистина да се постигнат резултати. Странските инвестиции веќе подолг период се во фокусот на владината агенда. Но мислам дека овие инвестиции ќе започнат преку размената и ако не успееме преку ова тогаш тие ќе бидат предизвик. Посетата е главно да се воспостават бизнис релации. Бизнисмените што ќе го придружуваат принцот веќе се фокусирани на она што сакаат да го постигнат во Македонија. Мислам дека по посетата може да очекуваме резултати во делот на размената, а подоцна и поголеми достигнувања“, вели Пауер.

Во моментов во економските зони работат само две фирми, Џонсон Контрол и Џонсон Мети. Во фаза на градба се фабриките на германски Кромберт и Шуберт, италијански Текнохозе, американски Кемет и нов погон на Џонсон Контрол во Штип. Според податоците до крајот на октомври лани во Македонија биле инвестирани 211 милиони евра. Владата очекува годинава најмалку 350 милиони евра странски капитал.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Симе Недевски