1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Расте длабока сиромаштија во БиХ

Според податоците на Светска банка, Босна и Херцеговина за социјалниот сектор издвојува четири отсто од БДП, значително повеќе отколку земјите во регионот, но истовремено е и земја со најмногу сиромашни во Европа.

„Се срамам поради тоа, но речиси секој ден како човек морам да одвојам малку од својата професорска плата и да им дадам на оние кои просат пред Филозофскиот факултет и гледам дека луѓето не лажат, дека се тоа граѓани кои немаат да му купат леб на своето дете. Тоа е понижувачки. Ние сме на работ на очајот, при што нашите политички елити во земја со 540.000 невработени сосема незаслужено имаат највисоки плати во Европа“. 

Вака неодамна јавно проговори професор Миле Ласиќ, за она што можат да го потврдат многу граѓани на Мостар, а ситуацијата не е поинаква ниту во други градови во БиХ.

Помош собираат студентите и медиумите

Се’ повеќе луѓе на улица просат пари за леб. За сиромашните помош деновиве на мостарските улици собираат и Ведран и Анѓела:

„Се обидуваме да помогнеме. Луѓето немаат да дадат пари, но даваат храна и облека, а ние потоа работите ги предаваме на Каритас, Центарот за социјални работи и Народната кујна“, велат овие двајца мостарски студенти.

Kampf gegen Armut in Bosnien-Herzegowina

Собирање помош за сиромашните

Солидарност со сиромашните покажуваат и други. Така во медиумите има се’ повеќе емисии со чија помош се собират пари, како и помош во храна и облека, кои потоа телевизиските екипи им ги доставуваат на социјално загрозените семејства.

Горан Тињиќ од канцеларијата на Светска банка во БиХ за Дојче веле изјави дека земјата издвојува најмногу во регионот, дури четири отсто од БДП за различните програми на социјална помош. „Загрижува тоа што покрај 14 отсто лица детектирани како сиромашни, уште за 60 отсто од населението постои ризик да падне во сиромаштија поради економската криза“, вели Тињиќ.

За да се оствари правото на социјална помош во БиХ, која во просек изнесува помалку од 100 марки, мора да се имаат приходи пониски од износот на социјалната помош, со што државата помага да се преживеат само неколку денови во месецот. Семејството Чутук, 69-годишниот Авдо, болната сопруга, ќерката, која е стопроцентен инвалид и внуката преживуваат со 550 марки месечно, колку што изнесува пензијата на Авдо, како и помошта за нега на неговата ќерка инвалид. Авдо секој ден оди до Народната кујна за на семејството да му донесе еден оброк. Вели дека срце го боли најмногу за внука му, која оди во шесто одделение. Авдо пред војната беше шеф на магацинот на сараевската фабрика „Упи комерц“, неговата сопруга има завршено два факултета, а ќерката е фризерка, но сега се болни.

Kampf gegen Armut in Bosnien-Herzegowina

Авдо Чутук

Реформа во два правци

Од Народната кујна, која ја финансира мостарската градска управа, велат дека секој ден доаѓаат околу 200 луѓе кои немаат што да јадат, но дека тој број постојано се зголемува.

Од канцеларијата на Светска банка во Сараево велат дека на Босна и Херцеговина итно и‘ е потребна реформа на социјалниот сектор. „Препорачуваме да се оди во два правци. Првиот е да се подобри паричниот трансфер за да се зголеми обемот на оние категории на кои најмногу им е потребна помош. Другата реформска програма е да се стори се’ за на најзагрозените делови од населението да им се даде шанса за вработување“, вели Тињиќ. 

Меѓутоа, се чини дека социјалните теми во моментов не го окупираат вниманието на политичарите во БиХ, кои како што предупредува професор Ласиќ, „живеат како паразитски слој со европски плати во земја која по сиромаштијата е на европското дно“.