1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Растечките бројки на бегалците се товар за општините

Минатата година во светот имало 45 милиони бегалци. Неколку илјади од нив се заглавени во Германија. Нивниот број брзо расте. Многу општини имаат проблем со нивното сместување.

Повеќе кревети во тесна просторија, облека на сите страни, а во позадина телевизор. Станот со две соби дефинитивно е премал. Во него живее шестчлено семејство. Заеднички тушеви без прегради и заеднички тоалети - тоа им е на располагање на сите станови. Приватност? Заборавете на тоа. Сликата е слична без разлика дали станува збор за азилантски центар во Келн, Дуизбург или Франкфурт. Насекаде има се’ помалку простор за се’ повеќе бегалци.

А, во иднина ќе ги има и повеќе. Министерството за внатрешни работи во Берлин најави дека бројката на баратели на азил во првото полугодие од 2013 година е зголемена за 43.000. Споредено со истиот период претходната година бројката е двојно зголемена. Најголем дел од нив доаѓаат од Руската Федерација, Сирија и Авганистан.

Големите проблеми на големите градови

Porträt - Stefan Ferber

Штефан Фербер

Според сојузниот закон за бегалци, сојузните германски покраини се одговорни за сместувањето. Значи, секоја од нив мора да прифати одреден број на баратели на азил. Многу од општините се соочуваат со масивни финансиски потешкотии поради трошоците за бегалците.

Ситуацијата посебно врие во метрополите. Во Келн, на пример, сите 30 азилантски центри се преполни со 1.600 баратели на азил. Дополнително градот смести 600 бегалци во хотели. Раководителот на Службата за домување во Келн Штефан Фербер вели дека ова е скапо, но разумно решение. Тој објаснува дека бегалците се сместуваат во хотели во кои се презема одговорноста за бегалците. „Но, хотелите имаат еден недостаток, бидејќи се поскапи отколку да се донесат бегалците во нашите установи“, вели Фербер.

Па така во 2011 година градот Келн за прифаќањето и сместувањето на бегалците морал да плати околу 22 милиони евра. Тука не се пресметани неодамнешните инвестиции во нови бегалски сместувалишта. Само мал дел, односно околу десет проценти, се покриваат од сојузната германска влада. Фербер вели дека и другите градови и општини, исто како и Келн, чувствуваат дека не добиваат доволна поддршка од покраинските и сојузната влада.

Syrien Flüchtlinge in Griechenland

Барателите на азил се сместуваат во тесни простории

„Општините сега се зависни од помош. Гледам преземени напори, но бараме повисоки средства“, вели Фербер. Тој објаснува и дека за градот Келн стана премногу скапо да гради свои нови капацитети, затоа што е екстремно тешко да се најдат соодветни градежни парцели.

Многу е важна и соработката на лице место, а Келн е добар пример за тоа. Од пред десет години се одржува тркалезна маса за прашања поврзани со бегалците, на која се среќаваат експерти за социјална политика, имиграциските власти, социјалните и младински служби, како и полицијата и групи кои им помагаат на бегалците.

Според одговорните во Келн, најдобар начин за сместување на азилантите е да живеат во свој сопствен стан. Со таква цел од пред две години во Келн се одвива успешен проект. Експерти им помагаат на барателите на азил во барањето приватен животен простор, им помагаат да разговараат со посредници за недвижнини и им помагаат при организациски прашања.

Од почетокот на 1990 година илјадници баратели на азил можеле да си изнајмат свој стан. Од таа инвестиција профитира и градот Келн, а и бегалците.