1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Растеж

Коментар на Карл Завадски

Порастот на германското стопанство во вториот квартал и покрај сите очекувања – стагнираше. По добриот старт од јануари до март, меѓу април и јуни постигнувањата на германското стопанство тапкаа во место. Сепак, постојат знаци за нов полет на конјунктурата наесен. Конјунктурната стагнација во вториот квартал не смее да доведе до избрзани погрешни решенија. Германската конјунктура не е ослабена, ниту е на пат кон рецесија. Напротив: многу елементи зборуваат за тоа дека стопанството е во умерен пораст. Искуствата од поранешните циклуси покажуваат дека ваквите фази на застој не се невообичаени, туку се правило. Всушност, опаѓањето е надминато. Во второто полугодие стопанството ќе земе нов залет што би овозможило годишен просек од еден насто што не би било изненадување. Позитивните изгледи за второто полугодие се потпираат врз факти. Индустријата во јуни произведе за 1,3 насто повеќе отколку во мај. Договорите за извоз уште поголеми: имено пораснаа за 2,4 насто. Дури и најлошата бранша, градежништвото, регистрираше лесен пораст. Всушност, германското стопанство ги остава зад себе тешките години. Мнозинството фирми ги искористија кризните години за да се концентрираат врз нивната основна дејност. И покрај тешките услови, инвестираа во науката и развојот, како и во модернизацијата на производните процеси, а ги намалија и долговите, но за жал, во голем обем го редуцираа персоналот. Со оглед на осеката на домашниот пазар, го засилија извозот и си обезбедија силна позиција на меѓународните пазари. Сето тоа сега се исплаќа. Германското стопанство доби удел на светскиот пазар со показатели поголеми отколку кон крајот на деведесттите години. Резултат во минатата година беше двоцифрен пораст на извозот. Во последно време пораснаа и инвестициите. Она што е се уште парализирано е приватната потрошувачка: големата невработеност ја оптоварува психата на консументите. Но, се на се, многу нешта зборуваат во полза на тоа дека конјунктурата е на крајот од долгиот период на застој. Развојот е се уште лабилен и можни се назадувања, но тоа ништо не менува во генералната тенденција: нагоре!

Карл Завадски