1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Растат тензиите меѓу Израел и Палестинците

Милитантната група Исламистички џихад јави дека двајца нејзини членови загинале во израелските авионски напади на југот од појасот Газа.

Нападот на израелските безбедносни служби е на четвртиот ден од најжестоките престрелки меѓу Израел и територијата Газа што се случила во последниве месеци. Израелските безбедносни власти информираа дека осумте напади од авион биле на ракетни позиции и на магацини со оружје на југот од Газа. Во исто време, се информира дека од спротивната страна биле испукани 11 ракети кон југот на Израел. Портпаролот на израелската полиција Мики Розенфилд рече дека една од ракетите оштетила зграда во Кибуц во близина на границата со Газа. Во тој напад немало повредени.

Палестински доктори информираат дека во нападите се повредени 37 лица. Со денешните жртви бројот на загинати во Газа во минативе три дена се искачи на 20. Поводот за нападите беше убиството од страна на Израел на високиот воен фунционер Зухаир ал-Каиси, што се случи во петокот.

Нападите во минатите денови беа проследени и со размена на жестоки зборови меѓу премиерот Нетанјаху и милитантите во Газа. Нетанјаху во саботата предупреди дека операциите „ќе продолжат се’ додека е потребно“. „Дадов наредба да се нападнат оние што планираат да не нападнат нас“, рече Нетанјаху.

Од Исламистички џихад одговорија дека нивните „операции ќе продолжат, без оглед на цената“. „На ескалацијата ќе се одговори со ескалација и она што следува ќе биде многу повеќе од досега“, стои во писменото соопштение на групата.

Автор: Александар Методијев /ап/афп

Редактор: Симе Недевски