1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Расправата за „А1“ и „Перо Наков“ прекината

Експресно закажаната собраниска седница на која требаше да се расправа за случувањата околу телевизијата „А1“ и фирмите на „Перо Наков“ траеше кратко.

default

Откако најголемиот дел од опозицијата не се појави во Парламентот, спикерот Трајко Вељаноски донесе одлука да ја прекине расправата, но само по оваа точка. ЛДП, која е единствената партија од опозицискиот блок што не бојкотира, побара Собранието целосно да ја прекине работата и предупреди дека власта со ваквиот потег немала исправни намери.

Пратеникот од овааа партија Андреј Жерновски предупреди дека самиот правен текст за оваа тема кој им бил понуден на пратениците бил нецелосен. Иако во него се барало да бидат присутни и надлежните, тој реагираше дека на седницата не присуствуваа министерот за финансии, финансиската полиција, претставници на Управата за јавни приходи кои треба да дадат увид на јавноста за она што се случува на „Перо Наков“ б.б.

Спикерот Вељаноски, сепак, ја продолжи работата, но по други точки. Расправата за „А1“ ќе продолжела кога опозицијата ќе се вратела во пратеничките клупи, изјави Вељаноски.

Предлогот на претседателот на парламентот да се расправа за „А1“, за опозицијата е чиста фарса и лицемерие на, како што велат, недемократската и авторитарна власт.

Mazedonisches Parlament

Претседателот на партијата НСДП Тито Петковски изјави дека е чисто лицемерие да се предлага расправа, а во истовреме да се игнорираат барањата на опозицијата и да нема услови за вистински политички дијалог. Случајот со уставните измени, според него, е само еден од повеќето примери за начинот на кој Владата носела одлуки без да ја извести и консултира опозицијата.

Пратениците од владејачката ВМРО ДПМНЕ сметаат дека опозицијата со бојкотот прават штета на угледот на земјата. Координаторот на пратеничката група Силвана Бонева ги повика опозиционерите да се вратат во пратеничките клупи и оттаму да расправаат за демократските процеси и слободата на медиумите во земјата.

Црвенковски разговараше со амбасадорите на Велика Британија и Франција

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски во истовреме, во седиштето на партијата, на одвоени средби разговараше со амбасадорите на Велика Британија и Франција, Кристофер Ивон и Жан Клод Шлумберже. Амбасадорите по разговорите побараа да се врати политичкиот дијалог:

„Дојдов пред се‘ да се информирам, поради тоа што немам намера да се мешам во внатрешната политика на земјата. Но, сепак, ќе инсистирам на неопходноста да се врати политичкиот дијалог во рамки на Собранието. Затоа одлуката за бојкот не ми се чини како најдобрата. Но, исто така, друг услов за политички дијалог е слободата на медиумите и професионално новинарство“, изјави Шлумберже.

Инаку, освен СДСМ и НСДП, работата на Собранието ја бојкотираат Нова алтернатива, Либерална партија и Нова демократија. Од поодамна бојкотира и ДПА.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM