1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Распишани изборите за претседател на Република Македонија

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски ја потпиша одлуката за распишување на претседателските избори во Македонија, кои ќе се одржат на 13 април.

Во последен рок, кога почнува да течат последните месеци од мандатот на актуелниот шеф на државата, Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ја потпиша одлуката за распишување на претседателските избори во Македонија. Според одлуката, изборите ќе се одржат на 13 април, а изборната кампања ќе почне дваесет дена пред изборите.

„Согласно уставната обврска која ја имам како претседател на Собранието на Република Македонија и согласно со роковите утврдени во Изборниот законик, денес го потпишав Решението за распишување на избор за претседател на Република Македонија. Изборот за претседател на Република Македонија се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Имајќи предвид дека на 20 април е големиот христијански празник Воскресение Христово, почитувајќи ги чувствата на сите верници од христијанска вероисповед и водејќи сметка тогаш да не биде ниту првиот ниту вториот круг, одлучив изборот за претседател на Република Македонија да биде на 13 април 2014 година“, изјави Вељаноски.

Решението за распишување на изборот ќе биде доставено до Државната изборна комисија на Република Македонија, како орган за спроведување на изборите, како и до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда.

Роковите течат

Со тоа, од денеска (1.02) Македонија и официјално влегува во изборен процес, кој почнува со распишувањето на изборите и ќе трае до соопштувањето на конечните резултати од гласањето.

Trajko Veljanovski, Maz. Parlamentspräsident, Skopje, Mazedonien, 11.01.2008

Трајко Вељаноски ја потпиша одлуката за распишување на претседателските избори

Државната изборна комисија (ДИК) во наредните денови треба да го донесе календарот за спроведување на изборниот процес. Право да поднесат листа на кандидат за претседател на државата ќе имаат оние кои ќе соберат потписи од најмалку 10.000 избирачи или од 30 пратеници. Според роковите предвидени во Изборниот законик, собирањето потписи за претседателска кандидатура почнува 15 дена по распишувањето на изборите и трае 15 дена, што значи дека овој процес треба да започне на 17 февруари. Пратеничките листи со претседателски кандидатури се доставуваат најдоцна 30 дена пред денот на гласањето, а во случајов тоа значи дека имињата на претседателските кандидати треба да се знаат најдоцна до 13 март. Претседателските избори се спроведуваат во два круга, според мнозински модел, при што државата е една изборна единица. Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добие потребното мнозинство гласови, во вториот круг влегуваат двајцата најдобро пласирани кандидати, а победник е оној што ќе освои повеќе гласови, но под услов одзивот да биде минимум 40 проценти. Во спротивно, изборите се сметаат за неуспешни.

Се чека одлуката на ВМРО-ДПМНЕ

Токму оваа можност најмногу ја плаши владејачката ВМРО-ДПМНЕ, доколку се случи демотивација за гласање кај електоратот во албанската заедница, поради отсуството на консензуален кандидат, на кој инсистира нејзиниот коалициски партнер ДУИ. Тоа е и причината што се‘ повеќе се разгледува можноста за одржување вонредни парламентарни избори на денот од вториот круг на претседателските, со што автоматски ќе обезбеди поголема изборна мобилизација на гласачкото тело, без оглед дали ДУИ ќе му даде поддршка на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Според Изборниот законик, вонредни парламентарни избори треба да се одржат во рок од 60 дена од распуштање на парламентот. Според извори во ВМРО-ДПМНЕ, партиската конвенција за избор на шеф на државата ќе се одржи пред истекот на последниот рок за официјализирање на кандидатурите. Своја номинација на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ уште пред два месеца најави универзитетскиот професор Јове Кекеновски, кој се‘ уште не знае кој ќе му биде внатрепартиски ривал.

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid

Јове Кекеновски уште пред два месеца најави своја номинација

Портпаролот на владејачката ДУИ, Бујар Османи, изјави дека ќе го чекаат одговорот од коалицискиот партнер за консензуален кандидат до моментот кога ќе треба да бидат поднесени кандидатурите. Ќе чекаат и во СДСМ и нема да го објават името на претседателскиот кандидат се‘ додека не се разјасни дали ќе има и предвремени парламентарни избори.

ДИК соопшти дека е подготвена за одржување на претседателските избори, како и за евентуалните предвремени парламентарни. Според претседателот на Комисијата, Никола Рилкоски, се‘ поизвесна е и таа можност.
„Според моите сознанија, се‘ поизвесно е дека ќе се одржат предвремени парламентарни избори. Ние и за тој момент се подготвувавме. Ако тие се одржат во вториот круг од претседателските ќе имаме едно мало пореметување во однос на роковите. Тоа всушност е најгорливото прашање, бидејќи за едните завршува молкот, а за другите почнува кампањата. Но мислам дека ќе најдеме решение и за тоа“, изјави Рилкоски.

Четири претседатели

Од осамостојувањето на Република Македонија до денес, на чело на државата застанаа четворица претседатели. И покрај идеолошките и разликите во раководењето на функцијата, сите тие на свој начин дадоа личен печат на македонската современа историја и придонес во градењето на угледот на државата. Киро Глигоров беше првиот претседател на независна Македонија и засега единствен кој во два мандата ја извршуваше претседателската функција – од 18 септември 1991. до 17 ноември 1999. година.

Mazedonien Wahlen 2011

Ѓорге Иванов е четврт претседател на РМ

Првиот мандат го доби со гласање во Собранието, а вториот на непосредни избори. Преживеа атентат, а влезе и во Гинисовата книга на рекорди, како пример за двојка на највозрасен претседател и најмлад премиер (Љубчо Георгиевски). Мандатот на вториот претседател, Борис Трајковски, го прекина тешката авионската несреќа кај Мостар, во која на 26 февруари 2004. година животот го загуби претседателот и неговата осумчлена делегација. На вонредни претседателски избори трет македонски претседател стана дотогашниот премиер, Бранко Црвенковски, чиј мандат заврши на 12 мај 2009 година, кога за нов претседател беше избран четвртиот и се‘ уште актуелен шеф на државата, Ѓорге Иванов.