1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Расмусен против натамошно кратење на буџетите за одбрана

Генералниот секретар на НАТО ги предупреди земјите-членки дека со кратењето на парите за одбрана се става на коцка воената моќ и влијанието на Алијансата во светот.

Генералниот секретар на Северно-атлантската воена алијанса, Андерс Фог Расмусен при претставувањето на редовниот годишен извештај за состојбите во НАТО, денеска изрази загриженост поради натамошните кратења на воените буџети на земјите-членки на сојузот.

Покрај што се загрозува воената моќ и влијанието на НАТО во светот, со намалувањето на парите за одбрана во буџетите на членките на Алијансата, може да биде ослабена и индустријата за оружје, која е важен мотор за иновации, работни места и за извозот, истакна Расмусен. Економската криза принуди многу земји-членки на НАТО да ги намалат издадоците и за вооружување.

Поздравена операцијата во Мали

Расмусен при денешното претставувањето на годишниот извештај за состојбата на организацијата меѓутоа нагласи дека НАТО останува најмоќниот воен сојуз во светот.

Според него се’ појасно станува дека во иднина одбранбените способности на Алијансата ќе се развиваат врз основа на меѓусебната соработка. „Современото вооружување е скапо и стекнувањето со него бара многу напори. Тоа ги засега областите на авијацијата и разузнавањето, треба да трошиме поинтелегентно“, нагласи генералниот секретар на НАТО.

Тој ја поздрави француската Влада за нејзината интервенција во Мали. „Крајно време беше да се спречи настапувањето на терористичките групи, како и да почне имплементирањето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за распоредување на војници под африканска команда“, додаде тој. Според Расмусен кампањата во Мали покажала дека европските земји од НАТО имаат потреба од американска поддршка и иако Алијансата не учествува директно во операцијата, таа е успешна, бидејќи партнерите се познаваат и техниките им се заеднички.

КФОР останува во ист број

Тој во оваа година очекува напредок по прашањето за противракетната одбрана во разговорите со Русија.

Во врска со иднината на КФОР генералниот секретар на НАТО прецизираше дека засега контингентот ќе ја задржи бројката од пет илјади војници. „Иако имаме планови за намалување на таа бројка, поради ситуацијата на теренот засега ги откажавме плановите за ограничувањето на бројноста и ќе останеме се’ додека не се обезбеди слободно движење на сите луѓе во Косово“, изјави Расмусен.