1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Расмусен: Македонија во НАТО само со решен спор за името

Генералниот секретар на Алијансата по средбата со македонскиот премиер Груевски во Брисел уште еднаш повтори дека земјата ќе мора најпрво да го реши спорот со Грција за името.

Веднаш по решавањето на спорот за името Македонија ќе стане членка на НАТО, а Алијансата ја охрабрува земјата во напорите да изнајде решение за овој проблем, порача генералниот секретар на НАТО Андерс фог Расмусен по средбата со премиерот Никола Груевски во Брисел.

„Се согласивме дека ќе ви дадеме покана за членство во Алијансата, откако ќе се најде взаемно прифатливо решение за спорот за името. Ние си стоиме на нашите ветувања и ќе продолжиме да работиме заедно со вас. Ќе ве поддржиме во остварувањето на неопходните реформи, со цел побргу да се движиме откако ќе се најде решение за спорот за името. Ве охрабруваме да продолжите со напорите за изнаоѓање на решение“, изјави генералниот секретар на Алијансата.

Премиерот Груевски потенцираше дека местото на Македонија е во НАТО, повикувајќи се на Хашката пресуда во процесот меѓу Македонија и Грција, која покажа дека Атина ја прекрши Времената спогодба меѓу двете земји, со тоа што и го попречи членството на земјава во Алијансата.

Расмусен ја нагласи и улогата на Македонија во мисијата ИСАФ и соработката на земјата со КФОР во Косово, со што се дава голем придонес за меѓународната безбедност. Данецот исто така потенцирал дека моментумот на реформи мора да се задржи.

„Ефикасните демократски структури, инклузивниот дијалог и слободата на медиумите се важни за напредокот во вашите евроатлански аспирации. Соработката меѓу владата и опозицијата останува есенцијална во постигнувањето на целосниот потенцијал на реформите“, порача Расмусен, додавајќи дека сите членки на Алијансата се согласни околу тоа дека НАТО и натаму останува отворен за нови членки, бидејќи оваа политика досега придонела многу за безбедноста на Европа.