1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Расипаното месо стигна на Балканот

Аферата со расипано месо што до неодамна ја тресеше Германија стаса на Балканот. Во пратка од Бремен наменета за Македонија, што ја запленија албанските цариници во пристаништето Драч, оти немала соодветна документација.

default

Станува збор за 21 тон сомнително свинско месо. Извозник е германска компанија од Бремен, а увозник битолска фирма. Дали месото ќе биде уништено или вратено назад сеуште не се знае, вели директорот на македонската ветеринарна управа Дејан Рунтевски:

“Шпекулациите дали се работи за исправно или за расипано месо сеуште не се потврдени. Во случај кога пратката нема соодветна документација таа веднаш се запира и според постапката или се враќа во земјата извозник или се уништува. “

По откривањето на сомнителната пратка, возачот на камионот на албанските цариници им изјавил оти месото било наменето за исхрана на добиток. Портпаролот на албанското министерството за економија, Реџеп Шаху, вели дека конфискацијата на месото е изведена согласно договорот за слободна трговија со ЕУ.

“Тоа е изведено согласно стандардите и заради безбедноста на албанските и останатите конзументи. Тоа е неопходно за доближување на земјата до Европската унија и Албанија нема повеќе да толерира криумчарење на лоша и фалсификувана стока“, изјави портпаролот на албанското министерство.

Овој случај одново го отвори прашањето што се влегува во Македонија и каква храна јадат граѓаните. Ветеринарните власти соопштија дека деновиве во скопските месарници откриле и заплениле шверцувано свинско месо од Бразил. Првиот човек на ветеринарната инспекција, Абдуледел Догани, вели дека неговите луѓе реагирале веднаш.

“Месото е запленето и уништено, покренати се прекршочни постапки кон човекот кај кого е најдено месото, а водиме истрага да најдеме кој човек и на кој начин го внесува во Македонија.“

Годинава во Македонија биле уништени 15 тони небезбедно месо, а во земјите извознички вратени 15 пратки.