1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Расизам во Германија: На странци не изнајмуваме!

Пазарот на недвижности во Германија е проблематичен: голема побарувачка, мала понуда, високи кирии... На тоа треба да се додаде и расизмот на сопствениците, кои одбиваат да им издаваат на странци.

„На странци не изнајмуваме“, гласеше одговорот на сопственикот кога Ајзегул Ачар тропна на неговата врата во потрага по стан за живеење. Ачар се досели во Германија од Турција пред 30 години. Ја сака земјата, а тука се чувствува како дома, вели таа. Но, кога се потсетува на искуството со потрагите по стан, таа е резигнирана. „Досега трипати се селев во Германија, и секое искуство ми остави лоши искуства. Германските сопственици не ме прифаќаа како кираџија, моето презиме е погрешно, имам акцент и не изгледам како што треба“, вели Ачар.

Не се случува постојано сопствениците да се толку непријатни како во случајот на Ачар. Но, факт е дека најголемиот број мигранти се чувствуваат дискриминирани кога бараат стан. Тоа го покажува и анкетата спроведена врз околу 10.000 испитаници со мигрантско потекло.

Wohnungsbesichtigung

Посета на стан за издавање

Во Германија, повеќе од 50 проценти од населението живее под кирија, потврдуваат официјалните статистики. Во големите градови како Берлин и Хамбург, таа бројка достигнува и 80 проценти. Недостасува станбен простор, особено во метрополите. Сопствениците поради тоа имаат можност да си избираат кираџии според сопствена мерка. Оние во потешка материјална состојба како самохраните родители, невработените и студентите, најчесто остануваат без шанса да добијат стан. Но, и расизмот може да биде причина за нечие одбивање.

Муслиманските жени со прекриени лица и црните Африканци најчесто се предмет на дискриминација, вели Бирте Вајс од советувалиштето „Базис и Воге“. „Кога некој од овие групи луѓе ќе се појави за разгледување на станот, сопствениците најчесто велат 'жалам, станот е веќе издаден’“, додава Вајс.

Советувалиштето е место каде често се обраќаат жртвите на дискриминацијата. Околу 20 отсто од луѓето кои се обраќаат за помош биле дискриминирани во потрагата по стан. Во такви случаи центарот нуди правна помош, затоа што правото е на страната на овие луѓе.

„Во Германија никој не смее да биде ставен во подредена улога поради неговото потекло, пол или раса. Тоа важи и за барањето стан“, вели Кристине Лудерс, претседателка на владината Комисија за Антидискриминација. Таа признава дека, сепак, честопати е тешко да се докаже дискриминацијата. По правило, сопствениците не одбиваат некого отворено поради потеклото, туку наоѓаат други оправдувања.

Мали шанси во судот

Symbolbild Frau mit Kopftuch

Бојата на кожата или изгледот можат да бидат пресудни при барањето стан

Долго Ајзегул Ачар не била сигурна дали не успевала да дојде до стан поради потеклото или едноставно немала среќа. Нејзиниот син дошол до идеја. Имајќи предвид дека германскиот јазик го говори без акцент, се јавил кај истиот сопственик кој претходно ја одбил неговата мајка и се претставил како г-н Шулц. Од другата страна добил одговор дека станот бил слободен и може да дојде да го види.

Експертите го нарекуваат овој метод „тестирање“: целта е да се докаже дека апликантот со странско потекло добива различен третман, вели Бирте Вајс. Доколку има докази, теоретски може да се поднесе и тужба.

Но, во пракса многу малку вакви случаи завршуваат на суд. „Основниот проблем е во судот. Процедурите траат со месеци“, вели Себастијан Буш, адвокат кој ги претставува луѓето со вакви проблеми. „Дури и доколку им се додели станот, за луѓето е веќе предоцна“.

Ајзегил Ачар се откажала од поднесувањето тужба. Брзото наоѓање стан за неа било поважно од долготрајното судење. На крајот, сепак, успеала да најде стан каков што посакувала. Но, чувството на горчина останува. Ниту еден Германец не сакал да и’ го изнајми станот. Овој во кој денес престојува е сопственост на Шпанец.