1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Рамковски доби 13 години затвор

Поранешниот сопственик на А1 телевизија, Велија Рамковски осуден е денеска на 13 години затворска казна во судскиот процес „Пајажина“.

default

Во судскиот процес „Пајажина“ беа обвинети 23 управители и основачи на фирми на „Перо Наков“ за затајување на данок, перење на пари, злосторничко здружување и измама на доверители. Според обвинението затаен бил данок од околу 5 милиони евра. Рамковски и уште седуммина обвинети повеќе од една година се во притвор во Шутка, а шестмина во домашен притвор.

Во своите завршни зборови Рамковски рече дека против него се води политички процес и дека е осуден, уште пред да почне судењето.

„Имам 40 години искуство во бизнисот, никогаш не сум работел незаконски, сето ова има политичка содржина. Владата на чело со Никола Груевски реши дабидат затворени критички настроените медиуми А1 и А2 телевизија, весниците ’Време’, ’Шпиц’ и ’Коха е Ре’. За да го оствари тоа, требаше да прогласат криминал и криминалци и тоа го направија. Нас нe‘ стави во затвор, а медиумите ги затвори. Знам дека сум осуден уште пред да почне судењето“, рече Велија Рамковски во своите завршни зборови.

Velija Ramkovski

Рамковски беше уапсен на почетокот на минатата година

Велија Рамковски е во притвор една година и два месеца. На 25-ти октомври 2010-та година инспектори на Управата за јавни приходи со полицијата влегоа во објектите на „Перо Наков“, каде што се наоѓаше А1 телевизија и останатите фирми.

Телевизијата излезе со став дека е цел на напад од власта поради критичката опсервација на нејзиното работење, пред се‘ на ВМРО-ДПМНЕ.

Власта тврдеше дека станува збор за контрола на фирми кои се лоцирани на иста адреса со телевизијата

По два месеци пред телeвизијата беше уапсен Рамковски и другите обвинети, додека неговиот син Хеди Рамковски побегна и се’ уште е баран со меѓународна потерница.

Потоа следуваше замрзнување на сметките на телевизијата, новинарите и другите вработени во телевизијата во знак на протест ги емитуваа вестите пред зградата на Владата.

Кон крајот на јули телевизијата престана да зрачи во етерот откако Агенцијата за електронски комуникации ја одзеде дозволата за работа поради стечај. Сега телевизијата е ликвидирана и преку продажба на имотот ќе се намируваат долговите кон нејзините доверители.

Автор: ЖА/СН/БГ/макфакс

Редактор: Симе Недевски